И сега нема никакво осудување за оние кои се во Исус Христос. Зашто законот на Духот, кој дава живот во Христос Исус, ме ослободи од законот на гревот и на смртта. Она, што законот не можеше да го направи, бидејќи беше ослабен поради телото, го изврши Бог, испраќајќи Го Синот Свој во тело, подобно на телото на гревот, и како жртва за гревот, Тој го осуди гревот во телото, за да се исполни заповедта на Законот во нас, кои живееме не по телото, туку по Духот. Зашто оние кои живеат по тело, копнеат за телесното, а кои живеат по Дух – за духовното. Копнежот на телото е смрт, а копнежот на духот – живот и мир. Зашто копнежот на телото е непријателство против Бога, тој не му се подредува на законот Божји затоа што не може. А оние, кои живеат по телото, не можат да Му се допаднат на Бога. Вие живеете не по тело, туку по Дух, само тогаш ако Духот Божји живее во вас. Ако, пак, некој нема Дух Христов, тој не е Негов. Ако, пак, Христос е во вас, телото е мртво за грев, а духот живее поради праведноста. Но ако Духот на Оној Кој Го воскресна Исус од мртвите живее во вас, тогаш Оној Кој Го воскресна Христос од мртвите, ќе ги оживотвори и вашите смртни тела преку Својот Дух, Кој живее во вас. И затоа, браќа, ние не сме му должници на телото за да живееме по телото; бидејќи, ако живеете по телото, ќе умрете; но, ако преку Духот ги умртвувате делата на телото, ќе бидете живи. Сите оние што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји; зашто вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: „Ава, Оче!“ Самиот Дух му сведочи на нашиот дух дека ние сме чеда Божји. А ако сме, пак, чеда, ние сме и наследници: наследници на Бога и сонаследници Христови, но само ако со Него страдаме, та со Него и да се прославиме.
Зашто мислам дека страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата која треба да се открие кон нас. И секое создание со нетрпение го очекува откривањето на синовите Божји, зашто и созданието не ѝ се покори на суетата доброволно, туку по волјата на Оној Кој го покори, а со надеж, дека и самото создание ќе се ослободи од ропството на распадливоста при славното ослободување на чедата Божји. Зашто знаеме дека целото создание заедно со нас стенка како во породилни болки. И не само тоа, туку и ние самите, кои ги имаме првините на Духот, воздивнуваме во себе, очекувајќи посинување и откупување на нашето тело. Зашто со таа надеж бевме спасени. А надежта што се гледа не е вистинска надеж. Зашто, кој би се надевал во тоа што го гледа? Кога се надеваме, пак, на она што не го гледаме, со трпение го очекуваме. Исто така и Духот нѐ поткрепува во нашата немоќ; бидејќи ние не знаеме како треба да се молиме. Па сепак, Духот Сам посредува за нас со неискажливо воздивнување. А Оној Кој ги истражувал срцата, знае каква е мислата на Духот, бидејќи Тој по волјата на Бога посредува за светиите.