Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 77:1-20

Псалми 77:1-20 MK2006

Со гласот свој викам кон Бога, со гласот свој кон Бога, за да ме чуе. Во денот на тагата моја Го барам Бога ноќе, со издигнати раце кон Него неуморно; но душата моја не може да се утеши. Го спомнувам Бога и воздивнувам, размислувам и духот мој малаксува. Будни се очите мои, се вознемирив и не можам да говорам. Размислував за дамнешните дни, и се сетив за старите години. Размислував ноќе со срцето свое, а духот мој ме испитуваше; зар Господ засекогаш отфрла и не сака ли повеќе да биде благонакло­нет, или засекогаш престанала Него­вата милост, и Неговите ветувања се пресекле за сите родови? Зар Господ заборавил на штедроста Своја? Зар во гневот Свој ќе го затвори Своето милосрдие? Па си реков: „Ова е мојата болка: десницата на Севишниот се изменила.“ Ќе си спомнам за делата на Господ; ќе се потсетам на дамнеш­ните чудесни дела; ќе ги разгледувам сите Твои дела и ќе мислам на Твоите моќни дела. Боже, Твојот пат е свет. Кој бог е толку голем, како нашиот Бог!? Ти си Бог, Кој прави чудеса; Ти ја покажа силата Своја меѓу народите; Ти со мишката Своја го избави Твојот народ, синовите на Јаков и на Јосиф. Те видоа, Боже, водите, Те видоа водите и се разбрануваа, и бездните затрепереа. Од облаците се излеа вода, загр­меа небесата зашто стрелите Твои пролетуваа. Татнежот на Твојот гром се разнесуваше низ виорот; светкавици ја осветлуваа вселената; Земјата трепе­реше и се тресеше. Твојот пат водеше низ морето, Твоите патеки преку моќните води, но Твоите траги не се познаваа. Ти ги водеше како стадо луѓето Твои преку раката на Мојсеј и Арон.