Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 73:1-28

Псалми 73:1-28 MK2006

Колку е добар Бог кон Израел, кон оние што се со чисто срце! А нозете мои за малку не потклекнаа, за малку чекорите мои ќе станеа несигурни, – зашто им позавидев на беззакониците, гледајќи го напредокот на грешниците, зашто не страдаат, нивните тела се цврсти и јадри. Немаат маки како другите, човеч­ки неволји не ги засегаат. Затоа горделивоста им е како ве­ришка околу вратот, а насилството им е облека. Очите им се подуени од сало, а од срцата им се излеваат безумија. Се подбиваат и злобно зборуваат, се закануваат надмено со насилство. Ја креваат устата против небото, а јазикот нивен ја обиколува земјата. Затоа народот Мој по нив се залетува, и мана не им наоѓа. И вели: „Како ќе дознае Бог, и има ли знаење во Севишниот?“ Ете, такви се грешниците, секогаш спокојни, богатство напластуваат. И си реков: зар залудо го чував чисто срцето свое и во невиност ги миев рацете свои? И се изложував на непријатности секој ден и на срам секое утро? Но ако речев: ќе расудувам и јас така, – тогаш ќе го изневерев родот на Твоите синови. И сакав тоа да го разберам, но тоа беше тешко за мене, сѐ додека не влегов во Божјото све­тилиште и не го разбрав нивниот крај. Навистина, си ги поставил на лизгаво место, на пропаст ги соборуваш! Како пропаднаа, како ненадејно ис­чезнаа и загинаа однесени од ужасот! Како што човек го презира сонот кога ќе се разбуди, така, Ти, Господи, ќе ги презреш нив, кога ќе се разбудат! Кога душата ми беше огорчена, кога се јадосував однатре, безумен бев и не разбирав, како добиче бев пред Тебе. Но јас сум секогаш со Тебе: Ти ми ја придржуваш десницата моја, ме водиш со советот Свој и ќе ме примиш во Твојата слава. Кого Го имам јас на небото освен Тебе? А кога сум со Тебе на земјата ништо друго не барам. Може да изнемошти срцето мое и телото мое; но Бог е сила на срцето мое и наследството мое. Зашто, ете, оние, што се одда­лечуваат од Тебе, пропаѓаат; Ти го ис­требуваш секого, кој отстапува од Тебе. А мене ми е добро да сум до Бога, на Господ ја полагам надежта моја, за да ги раскажувам сите дела Твои.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност