Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 37:1-40

Псалми 37:1-40 MK2006

Не жести се поради злобниците и не завидувај им на оние што вршат беззаконие, зашто тие ќе се исушат како трева, и како зелје набргу ќе свенат. Верувај во Господ и прави добро, за да живееш на земјата и да уживаш во спокојство. Сета радост нека ти биде во Господ, и Тој ќе ти даде што ќе посака срцето твое. Довери Му го патот свој на Господ и во Него верувај и Тој ќе делува; и ќе ја изведе правдата твоја како светлина, и справедливоста твоја – како пладне. Биди кроток пред Господ и на Него надевај се. Не жести се на оној, кој успева на патот свој, на човек кој врши беззаконие. Воздржи се од лутина и остави ја јароста, не жести се – самиот да не пра­виш зло, зашто оние што вршат зло, ќе бидат истребени, а оние, кои се надеваат на Господ, ќе ја наследат земјата. Уште малку, и грешникот ќе го нема; ќе го побараш местото негово и нема да го најдеш. А кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир. Грешникот смислува зло против праведниот и чкрта со забите против него, но Господ му се потсмева, зашто однапред гледа дека му се ближи крајот. Грешниците ги вадат мечевите, го оптегнуваат лакот свој за да го кутнат бедниот и сиромавиот, за да ги прободат оние што се со чисто срце. Но мечот нивни ќе се забие во нивното срце, и лаците нивни ќе се скр­шат. Малото богатство кај праведниот е многу подобро отколку големото богатство на грешниците. Зашто мишките на грешниците ќе спласнат, а на праведниците Гос­под им ги поткрепува. Господ ги знае патиштата на непо­рочните; и нивното наследство ќе биде вечно: во зло време нема да бидат посрамени и во деновите на глад ќе бидат сити; зашто грешниците ќе загинат, и непријателите Господови ќе ги снема како полска убавина, ќе исчезнат како дим. Грешникот зема на заем и не враќа, а праведниот е милостив и дава, зашто оние, кои Господа Го бла­гословуваат, ќе ја наследат земјата, а оние што тој ги проколнува, ќе бидат истребени. Господ ги зацврстува стапките на човекот и мили Му се неговите па­тишта: па и ако се сопне, нема да падне, зашто Господ го држи за рака. Бев млад, и остарев, но не видов оставен праведен човек ниту децата не­гови леб да просат; тој секој ден знае да се смилува и на заем да дава, и потомството негово ќе биде благословено. Клони се од зло и прави добро, па ќе живееш вечно; зашто Господ ја сака правдата и не ги остава верниците Свои; нив вечно ќе ги чува, а потомството на безбожниците ќе биде истребено. Праведните ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно. Устата на праведниот кажува муд­рост, а јазикот негов изговара правда. Законот на неговиот Бог е во срцето негово; стапките негови нема да се сопнат. Грешникот го демне праведниот и бара да го убие; но Господ нема да го предаде во негови раце и нема да го осуди, кога ќе биде суден. Надевај се на Господ и остани на Неговите патишта; Тој ќе те воздигне за да ја наследиш земјата; и ќе го гле­даш истребувањето на грешниците. Видов страшен безбожник, кој се превознесуваше и издигаше како кедар леванонски. Поминав и, ете, го нема; го побарав, и не го најдов. Види го непорочниот, гледај го праведниот: има напредок за мир­ниот; а безбожниците сите ќе бидат истребени, нивното наследство ќе се затре. Спасението, пак, на праведните доаѓа од Господ и Тој е нивни заштитник во тешко време; им помага Господ и ги избавува; ги избавува од грешниците и ги спасува, зашто кај Него прибегнуваат.