Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 22:1-31

Псалми 22:1-31 MK2006

Боже мој, Боже мој, зошто ме ос­тави? Зошто си далеку за да ми помог­неш, за да ги чуеш моите повици? Боже мој! Те призивам дење – и Ти не слушаш, и ноќе – и нема мир за мене. Сепак, Ти си свет, опкружен со пофалби од Израел. На Тебе се надеваа татковците наши; се надеваа и Ти ги избави; кон Тебе викаа, и се спасуваа; на Тебе се надеваа, и не се посрамија. А јас сум црв, а не човек, потсмев за луѓето и презир во народот. Сите, што ме гледаат, ми се подбиваат; нишајќи ги главите, велат: „Тој се надеваше на Господ, нека го избави, нека го спаси, ако Му е угоден!“ Но Ти ме изведе од утробата, ме успокои на мајчините гради. Кон Тебе сум приврзан уште од зачнувањето мое; од утробата на мајката моја Ти си мој Бог. Не оддалечувај се од мене, зашто неволјата е близу, а нема кој да ми помогне. Многу јунци ме обиколија, дебели јунци ме опкружија, ја отворија устата против мене како лав, кој го раскинува својот плен и рика. Јас се разлеав како вода; сите мои коски се разглобија, срцето мое стана како восок, се топи во моите гради. Силата моја се исуши како цреп, јазикот ми се залепи за непцата, во смртоносен прав ме фрли. Глутница кучиња ме опколија, цела чета од злочинци се врти околу мене; ми ги прободоа рацете и нозете. Можам да си ги пребројам сите коски мои, а тие гледаа и ме презираа; ги разделија меѓу себе алиштата мои, за облеката моја фрлија ждрепка. Но Ти, Господи, не оддалечувај се од мене! Сило моја, побрзај ми на помош! Избави ја од меч душата моја, и од пците еднородната моја. Запази ме од устите лавовски и од роговите биволски спаси ме. Ќе го објавувам името Твое на бра­ќата и сестрите свои, сред собра­нието ќе Те фалам. Вие, што имате страхопочит кон Господ, восфалете Го! Целото семе Јаковово нека Го прославува; нека се бои од Него целото семе Израелово, зашто Тој не ја презре маката на страдалникот, не го сокри лицето Свое од мене, а ме послуша кога Те повикав. За Тебе е похвалата моја во ве­ликото собрание; ќе ги исполнам ве­тувањата свои пред оние што имаат страхопочит кон Него. Ќе јадат сиромасите и ќе се најадат, ќе Го фалат Господа оние што Го бараат; нека живеат срцата ваши довека! Ќе се сетат и ќе се обратат кон Господ сите земни краишта, и ќе се поклонат пред Тебе сите племиња на народите, зашто царството е Господово, и Тој е владетел над народите. Нему ќе Му се поклонат сите заспани во земјата; пред него ќе паднат сите што слегуваат во земјата. А ду­шата моја ќе живее за Него. Потомството мое ќе Му служи, за Господ ќе им се проповеда на идните родови; за избавувањето од Него ќе им се соопштува на луѓето, што ќе се родат, зашто сето тоа Господ го изврши.

Бесплатни планови за читање и побожни текстови поврзани со Псалми 22:1-31