Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 18:1-50

Псалми 18:1-50 MK2006

Те љубам, Господи, крепост моја! Господ е моја карпа, моја тврдина и мој избавител, Бог мој, засолниште мое, во кое се засолнувам; мој штит, сила на спасението мое и крепост моја. Ќе Го призовувам Господа, достоен за слава и ќе се спасам од непријателите свои. Јажињата на смртта ме испреплетоа, и погубни потоци ме вознемирија; пеколни мрежи ме заробија, смртни стапици ме стегнаа. Во мојот очај Го повикав Господа и кон мојот Бог извикав. И Тој од Својот свет храм го чу гласот мој, и мојот вик стигна до Неговото уво. Се затресе и се разниша земјата; за­треперија и од темел се поместија горите, зашто Господ се разгневи; се крена дим од Неговите носници и од устата Негова пламна оган, кој проголтува сѐ; вжарени јаглења отскокаа од Него. Ги наведна Тој небесата и слезе, – а мрак падна под нозете Негови. И седна на херувим, па полета и се понесе на ветерни крилја. Од мракот направи Свој заклон, и сенка околу Себе – од густи облаци полни со вода. Од молскање бегаа од Него обла­ците, градот и огнените јаглења. И загрме Господ од небесата, и Севишниот го пушти Својот глас: град и разгорени јаглења. И ги пушти стрелите Свои и ги распрсна, ги распали молњите – и ги растури. Морските дна се појавија, и осно­вите на вселената се разоткрија од страшната закана Твоја, Господи, од здивот на носниците Твои. Тој посегна од висините, и ме прифати, па ме извлече од многуте води. Ме избави од силните мои непријатели и од оние кои ме мразат, од оние што се посилни од мене. Тие се кренаа против мене во денот на мојата несреќа, но Господ беше потпора моја. Ме изведе Тој на пространо место и ме избави, зашто ме засака. Ме награди Господ според мојата правда, и според чистотата на моите раце ми врати, зашто ги запазив патиштата на Господ и не се оддалечив од мојот Бог; зашто сите заповеди Негови се пред мене, и наредбите Негови не ги отстра­нив од себе. Бев непорочен пред Него и се пазев од беззаконија. И ми даде Господ според мојата правда, и по чистотата на рацете мои пред очите Негови. Со светиите Ти постапуваш свето, со невин човек – си благ, со чистиот – чисто, а со лукавиот – според неговото лукавство, зашто Ти ги спасуваш угнетените, а горделивите ќе ги понизиш. Зашто Ти го осветлуваш моето светило, Господи; мојот Бог ја осветлува темнината моја. Со Тебе и чети совладувам, со мојот Бог и ѕид ќе прескокнам. Бог мој, непорочен е Неговиот пат, Господовите зборови со оган се пречис­тени; Тој е заштитник на сите, кои се засолнуваат кај Него. Зашто, кој е Бог, освен Господ, и кој е тврдина освен нашиот Бог? Бог е Оној Кој ме препашува со си­ла и патот ми го расчистува. Ми ги прави нозете како на елен и ме поставува на височини; ми ги обучува рацете за борба, и мускулите мои ги прави да затегнуваат бронзен лак. Ти ми даде заштита за моето спасение, Твојата десница ме прифати; Тво­јата поддршка ме издигна. Ми даваш сигурност за чекорите мои, и нозете мои не се подлизнуваат. Ги гонев непријателите мои и ги стигнав, и не се вратив, додека не ги победив; ги притиснав, и тие не можеа да станат, паднаа под нозете мои, зашто Ти ме препаша со сила за борба и ги собори пред мене оние, што станаа против мене; Ти ги натера во бегство непријателите мои, и ги истребив сите оние, што ме мразат; тие повикаа, но немаше кој да ги спаси: и кон Господ, – но Тој не ги чу. Ги иситнив како прав на ветар, ги згазив како кал по патиштата. Ти ме избави од народ бунтовен, ме постави за поглавар над народ, чии луѓе не ги познавав, и тие сега ми служат; тие и мојот шепот го слушаат, ту­ѓинците ми се покоруваат; туѓинците бледнеат и треперат, излегувајќи од своите тврдини. Да живее Господ, и нека е благо­словена Карпата моја! И нека се величи Бог на моето спасение. Бог, Кој одмаздува за мене, Кој ми ги покорува народите, Избавител од моите гневни не­пријатели! Ти ме возвиси над оние, што стануваат против мене, и ме избави од насилникот. Поради тоа Те славам пред народите, Господи, и го воспевам името Твое; Ти Кој му даваш величествени победи на царот Свој и му правиш милост на Твојот помазаник Давид и на потомството негово – довека.