Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 139:1-24

Псалми 139:1-24 MK2006

Господи, Ти си ме испитал и ме зна­еш. Ти знаеш кога седнувам и кога станувам; Ти оддалеку ги разбираш мислите мои. Одам или лежам, Ти сѐ гледаш, сите патишта мои си ги предвидел. Уште зборови не ми дошле до јази­кот мој, Ти, Господи, веќе ги знаеш: Ти ме опкружуваш, зад мене си, пред мене си; раката Твоја е поло­жена над мене. Се восхитувам на Твоето знаење, – тоа е превисоко, не можам да му пријдам! Каде да одам од Твојот дух, и од лицето Твое каде да побегнам? Ако се искачам на небото – Ти си таму; ако слезам во Подземјето, Ти си и тука. Ако ги земам крилјата на зората и се преселам на крајот од морето, – и таму ќе ме води Твојата рака, Твојата десница ќе ме држи. Ако речам: можеби темнина ќе ме покрие, но и ноќта е како светлина околу мене; и темнината нема да биде темнина за Тебе; и ноќта за Тебе е светла како ден и темнината како светлина. Зашто Ти си ја создал мојата внат­решност и ме оформи во мајчината ми утроба. Те прославувам затоа што сум чудесно создаден. Прекрасни се Твоите дела; душата моја тоа добро го знае. Ниедна моја коска не се сокри од Тебе, додека настанував во тајност, исткаен во длабините на земјата. Твоите очи го видоа зародишот мој и во Книгата Твоја сѐ е запишано за мене дури и деновите мои се забеле­жани кога уште не постоеше ниеден. Колку ми се недостапни Твоите мисли, Боже, колку се многубројни! Да ги пребројам – но тие се поброј­ни и од песокот; се будам и сѐ уште сум со Тебе. Кога би сакал да ги убиеш, Боже, грешниците; иставете се од мене, крвопијци! Подмолни се во помислите свои, суетно се креваат Твоите непријатели. Зар не ги замразив оние, Господи, кои Тебе Те мразат, и зар не се гнасам од непријателите Твои? Со полна омраза ги замразив; ги сметам за непријатели. Испитај ме, Боже, и познај го срцето мое; испитај ме и запознај ги патеки­те мои; и види дали сум на пат на беззако­нија, и упати ме на вечен пат.

Бесплатни планови за читање и побожни текстови поврзани со Псалми 139:1-24