Те повикувам со сето срце мое, услиши ме, Господи, – и ќе ги пазам повелбите Твои. Тебе Те повикувам: спаси ме, за да ги пазам Твоите уредби. Ја испреварувам зората и викам; на Твоето слово се надевам. Очите мои се отвораат пред утринската стража, за да се поучам на Твоите слова. Чуј го мојот глас, според милоста Своја, Господи; според Твојата правда, зачувај ме во живот. Се приближија оние што ме прогонуваат со зла намера; од законот Твој тие се оддалечија. Но Ти си близок, Господи, и сите Твои заповеди се вистина. Одамна знам за Твоите уредби, зашто си ги утврдил засекогаш. Погледај на мојата потиштеност и избави ме, зашто не го заборавив Твојот закон. Пресуди според мојата правда и искупи ме; заради словото Твое оживеј ме. Далеку е спасението од нечестивите, зашто тие не ги бараат Твоите повелби. Голема е Твојата милост, Господи, според Твојата правда оживи ме. Многумина ме гонеа и мачеа, но од Твоите уредби јас не отстапив. Ги гледам неверниците и се гнасам, зашто словата Твои не ги пазат. Погледни како ги сакам заповедите Твои, запази ми го животот, Господи, поради Твојата милост. Вистината е основа на Твоите слова; и секоја Твоја праведна одредба трае вечно. Кнезовите ме гонат без вина, но срцето мое се плаши само од Твоите зборови. Се радувам на Твоето слово, како оној кој нашол големо благо. Ја замразив неправдата и се гнасам од неа; а Твојот закон го сакам. Седумпати на ден Те прославувам за Твоите праведни одредби. Голем е мирот кај оние, кои го сакаат Твојот закон, и за нив нема соблазна. Го чекам спасението од Тебе, Господи, и Твоите заповеди ги извршувам. Душата моја ги пази Твоите уредби, и јас многу ги засакав. Ги пазам Твоите заповеди и Твоите сведоштва, зашто сите мои патишта се пред Тебе, Господи. Нека допре до Тебе молбата моја, Господи; вразуми ме според Твоите зборови. Нека барањето мое дојде пред Тебе; избави ме според Твоето слово. Од устата моја нека се произнесе похвала, кога ќе ме научиш на Твоите повелби. Јазикот мој нека ги разгласи Твоите зборови, зашто сите Твои заповеди се праведни. Нека ми биде Твојата рака на спасение, зашто Твоите заповеди ги избрав. Копнеам, Господи, за спасение од Тебе и Твојот закон е мојата наслада. Нека живее душата моја и нека Те слави; и Твоите уредби нека ми помогнат. Се заблудив како загубена овца: побарај го Твојот слуга, зашто не ги заборавив Твоите заповеди.