Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 105:21-45

Псалми 105:21-45 MK2006

Го постави за домаќин над домот свој и управител над сиот имот свој, за да ги поучува кнезовите според својата волја и старешините негови да ги учи на мудрост. Тогаш дојде Израел во Египет, и Јаков се всели во Хамовата земја. Го умножи Бог многу Својот народ и го направи посилен од непријателите негови. Се преврте срцето нивно и тие го замразија народот Негов, и почнаа да им пакостат на слугите Негови. Го испрати Мојсеј, слугата Свој, и Арон, кого го избра. Тие ги покажаа меѓу нив Неговите знаци и чудесата Негови во Хамовата земја. Испрати темнина и се смрачи, и тие не се спротивставија на зборот Негов. Ја претвори водата нивна во крв и ја уништи рибата нивна. Се исполни земјата нивна со жаби, дури и собите на царот нивен. Тој заповеда: и нападнаа рој муви и мушички по сите нивни предели. Наместо дожд, испрати врз нив град, оган што ја гореше земјата нивна, и ги уништи лозјата нивни и смок­вите нивни, ги сотре сите дрвја во нив­ните предели. Рече и нападнаа скакулци и гасеници безброј; и ја изедоа сета трева по земјата нивна, ги испојадоа сите плодови на нивите нивни. И го погуби секое првородено во земјата нивна, првините од сиот нивен труд. Ги изведе Израелците со сребро и злато, и немаше болен во племињата нивни. Се зарадува Египет поради нивното излегување, бидејќи го беше обзел страв од нив. Тој им простре облак како покрив и оган, за да им свети ноќе. Бараа, и Тој им прати потпо­лошки и со леб небесен ги наситуваше. Расцепи камен и потекоа води, потекоа како река по безводната земја, зашто се сети на Својот свет збор кон Авраам, Својот слуга. Па го изведе Својот народ со радост, Своите избрани – со веселба, и им даде незнабожечки земји, и така наследија плодови од други народи, за да ги чуваат наредбите Негови и да ги исполнуваат законите Негови. Алилуја!