Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 10:1-18

Псалми 10:1-18 MK2006

Зошто стоиш далеку Господи, зо­што се сокриваш во време на неволји? Во горделивоста нечестивиот ги мачи бедните бездушно, и тие паѓаат во замките негови. Бидејќи грешникот се гордее со лакомството на душата своја, колне и Господа Го презира. Во својата горделивост, грешникот вели: „Ќе нема истрага!“, а во себе мисли: „Бог не постои!“ Патиштата негови се секогаш ус­пешни, судовите Твои се многу високи, за да мисли на нив, а на непријателите свои им се потсмева. И во срцето свое си вели: нема да бидам соборен, во ниеден род зло нема да ме снајде! Устата му е полна со клетви, измами и навреди; под јазикот негов пакост и неправда. Седи во заседа покрај селата, на скришни места за да убива невини, очи­те негови демнат беспомошни. Исчекува скришум како лав во пештера, со намера да фати беден, и кога ќе фати, го одвлекува во својата мрежа. Се притајува, прилегнува и тогаш беспомошниот паѓа совладан. Па вели во срцето свое: Бог заборавил, го сокрил лицето Свое, никогаш нема да види. Стани, Господи, Боже мој, нека се крене раката Твоја, не ги заборавај угнетените. Зошто безбожникот Го презира Бога, зошто во срцето свое да вели – Бог не казнува? Но Ти гледаш, зашто ги забеле­жуваш маките и навредите; во Свои раце ги одмеруваш; беспомош­ниот Тебе Ти се предава, Ти си му помошник на сиракот, бедниот Тебе ти се предава. Сотри ја мишката на грешникот и на лукавиот; казни му ја пакоста за да ја нема повеќе! Господ е вечен цар, во сите времиња; ќе ги снема незнабошците од земјата Негова. Господи, Ти ги слушаш желбите на кротките; закрепи ги срцата нив­ни, отвори го увото Свое! Дај правда за сиракот и за угнетениот, па да престане човекот на земјата да задава страв.