И така, браќа мои возљубени и многу пожелни, радост моја и венец, стојте цврсто во Господ, возљубени! Ја молам Еводија, ја молам и Синтихија да бидат едномислени во Господ; а те молам и тебе, искрен сотрудниче, помагај им на оние што се грижеа во Евангелието заедно со мене и со Климент и со другите мои сотрудници, чии имиња се во Книгата на животот. Радувајте се секогаш во Господ, и пак ќе речам: радувајте се! Кротоста ваша нека им биде позната на сите луѓе! Господ е близу! За ништо не грижете се, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изнесувајте ги пред Бога своите барања, и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исус Христос. Понатаму, браќа мои, на она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете! И она што го научивте, примивте, чувте и видовте во мене, тоа правете го, – и Бог на мирот ќе биде со вас!
Јас се зарадував необично многу во Господ, зашто најпосле расцветавте во вашата грижа за мене; вие и порано се грижевте за мене, но немавте згодна пригода. Ова го велам не поради скудност од нешто, бидејќи се научив да се задоволувам со она што го имам. Знам да живеам и во скудност, знам да живеам и во изобилство; научен сум на сѐ и сешто, и сит да бидам, и глад да трпам, и во изобилие да сум и во немаштија. Сѐ можам преку Исус Христос, Кој ме крепи. Но, добро направивте што зедовте учество во мојата скрб. А знаете и вие, Филипјани, дека во почетокот на проповедањето на Евангелието, кога отпатував од Македонија, немаше ниту една црква нешто да ми даде или нешто да примам освен од вас; зашто и во Солун, еднаш, и по вторпат ми пративте нужни работи. Ова го велам не дека сакам да ми давате, туку го барам плодот кој се умножува во ваша полза. Добив сѐ и имам во изобилие, се пренаполнив со блага, кога го примив од вас испратениот дар преку Епафродит, кој е мирис сладок, жртва пријатна, благоугодна на Бога. Мојот Бог, по Своето богатство, нека ја исполни секоја ваша потреба, за слава преку Христос Исус. А на Бога, нашиот Отец, слава во вечни векови. Амин!
Поздравете го секој светија во Христос Исус! Ве поздравуваат браќата што се со мене. Ве поздравуваат сите светии, а особено оние што се од Цезаревиот дом. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со сите вас. Амин!