Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Филипјаните 3:1-21

Филипјаните 3:1-21 MK2006

Но, браќа мои, радувајте се во Господ! Зашто мене не ми е здодевно да ви пишувам исти нешта, а за вас тоа значи безбедност. Чувајте се од кучињата, чувајте се од лошите работници, чувајте се од лажно обрезување, зашто вистинското обрезување сме ние, кои со Духот Му служиме на Бога и се гордееме со Христос Исус, и не се надеваме на телото, иако јас можам да се надевам и на телото. Ако некој друг мисли дека мо­же да се надева на телото, тогаш уште повеќе можам да се надевам јас, кој сум обрезан во осмиот ден, од родот Израелов, од Венијаминовото колено, Евреин од Евреите, по законот фарисеј, по ревност – гонител на Божјата Црква, според правдата на Законот – беспрекорен. Но тоа што беше за мене придобивка, поради Христос го сметав за загуба. Затоа, сметам дека и сѐ друго е загуба спрема преважното познание на Христос Исус, мојот Господ, поради Кого се одреков од сѐ, и сѐ сметам за отпад, само за да Го придобијам Хрис­тос, и да се најдам во Него, не со својата праведност стекната од Законот, туку со придобивката преку верата во Хрис­тос, односно со праведноста од Бога преку верата; за да Го познаам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, грижејќи се мојата смрт да биде слична со Неговата, та некако да го достигнам воскресението на мртвите. Велам така не затоа што веќе дос­тигнав, или дека веќе постигнав со­вр­шен­ство, туку се стремам да го достигнам она со кое Христос ме достигна мене. Браќа, јас не мислам дека сум го достигнал тоа; но едно правам: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене, трчам кон целта – кон наградата на горното призвание од Бога во Исус Христос. Ние, кои сме, пак, совршени, мислиме така; ако, пак нешто инаку мислите, Бог и тоа ќе ви го открие. Но, само да го држиме она до кое достигнавме, да бидеме едномислени и по истото правило да продолжиме. Следете го мојот пример, браќа, и гледајте ги оние што живеат според образецот што го имате во вас. Зашто мнозина, за кои често сум ви зборувал, а сега дури и со солзи говорам, постапуваат како непријатели на крстот Христов; нивниот крај е погибел, нивниот бог – стомакот, а славата – во нивниот срам; тие мислат за земните работи. А нашето жителство е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спа­сителот, нашиот Господ Исус Христос. Тој ќе го преобрази нашето по­ни­зе­но тело да стане подобно на Неговото славно тело, со силата преку која Тој може да потчинува под Себе сѐ.