И се молам вашата љубов сѐ повеќе и повеќе да изобилува преку познанието и разбирањето на сѐ, за да можете да го распознавате најдоброто, та да бидете чисти и беспрекорни во денот на Христос, полни со плодот на праведноста, кој е преку Исус Христос, за слава и пофалба на Бога.
Сакам, браќа, да знаете дека тие работи, што ми се случија, придонесоа за поголем успех на Евангелието, така што во целата преторија и меѓу сите други стана познато дека сум во окови за Христос; и дека повеќето од браќата во Господ, поттикнати од моите окови, се осмелија, без страв да го проповедаат словото Божјо. Некои, навистина, од завист и желби за кавга, а други од добра волја Го проповедаа Христос: едни Го проповедаат Христос од љубов, знаејќи дека јас сум поставен да го бранам Евангелието. А другите имаат желба да се препираат неискрено, мислејќи дека ја наголемуваат тежината на моите окови. Другите, пак, проповедаат од љубов, знаејќи дека јас сум поставен да го бранам Евангелието. Зашто знам дека тоа ќе ми послужи за спасение со вашата молитва и преку дејството на Духот на Исус Христос, како што очекувам со нетрпение и се надевам дека во ништо нема да се посрамам, но со сета моја храброст, како секогаш, така и сега, ќе се возвеличи Христос во моето тело – било со живот, било со смрт. За мене, „да се живее“ значи Христос, а „да се умре“ – придобивка. Ако, пак, живеењето мое во тело ми придонесува плод на делото, тогаш што да одберам не знам. Измачуван сум и од едното, и од другото: сакам да заминам и да бидам со Христос, бидејќи тоа е многу подобро; но да останам во телото е попотребно за вас. Уверен во тоа, знам дека ќе останам и ќе пребивам со сите вас за ваш напредок и радост на верата, та пофалбата ваша во Христос Исус да се умножува преку мене, кога повторно ќе дојдам кај вас.
Живејте само достојно за Христовото Евангелие, та, ако дојдам и ве видам, или пак во отсуство слушнам за вас дека стоите во еден дух, борејќи се еднодушно за верата на Евангелието, и во ништо не се плашите од противниците; тоа е знак за нивната погибел, а за вашето спасение, и тоа е од Бога. Зашто вам ви се даде дар поради Христос не само да верувате во Него, туку и да страдате за Него, борејќи се со истата борба, каква што видовте во мене и сега слушате за мене.