Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Броеви 13:17-33

Броеви 13:17-33 MK2006

Ги испрати Мојсеј да ја разгледаат хананската земја и им рече: „Одете во онаа пустина и качете се на планината, и погледајте ја земјата каква е, и народот што живее таму: силен ли е или е слаб, малуброен ли е или е многуброен; и каква е земјата, каде што живее тој, добра ли е или лоша; и какви се градовите, во кои живее, – оградени ли се или не. Каква е земјата, плодна ли е или не, има ли на неа дрвја или нема? Бидете храбри, па земете од плодовите на земјата.“ А тоа беше во времето кога зрее грозјето. Тие отидоа и ја разгледаа земјата од пустината Син дури до Рехов, близу до Емат; и одејќи по пустината, тие стигнаа до Хеврон, каде што живееја Ахиман, Шешај и Талмај, од родот на Анак; а Хеврон беше изграден седум години порано од египетскиот град Цоан; и дојдоа до долината Ешкол, и таму пресекоа прачка со еден грозд, и обајца ја понесоа на стап; зедоа и калинки и смокви; тие го нарекоа тоа место Лозова долина (долина Ешкол), поради гроздот што го пресекоа таму синовите израелски. И откако ја разгледаа земјата, се вратија по четириесет дена. И кога пристигнаа и дојдоа кај Мојсеј и Арон и кај целото општество на синовите израелски во пустината Фаран, во Кадис, тие му донесоа таму и на целиот народ одговор, и им ги покажаа плодовите од онаа земја; и му раскажаа и рекоа: „Бевме во земјата, во која нѐ испрати; во неа на­вистина тече мед и млеко, и еве ги плодовите нејзини; но народот, кој живее во таа земја, е силен, и градовите се укрепени и многу големи; таму ги видовме и по­томците на родот Анаков. Амалик живее во јужниот дел на земјата, а Хитијците, Јевусијците и Аморејците живеат по планината; Ха­нан­ците, пак, живеат крај морето и по брегот на Јордан.“ Но Халев го успокојуваше народот пред Мојсеј, велејќи: „Да појдеме и да ја преземеме, зашто можеме да ја покориме!“ А оние што беа оделе заедно со него, рекоа: „Не можеме да одиме против тој народ, зашто е посилен од нас.“ И протурија ужасни гласови меѓу синовите израелски за земјата што ја беа разгледале и велеа: „Земјата што ја изодивме, за да ја разгледаме, е земја, која ги голта своите жители, и сите што ги видовме на неа, се многу поголеми. И таму видовме огромни луѓе од потомците на родот Анаков; ние изгледавме пред нив како скакулци; такви бевме и во нивните очи.“