На дваесет и четвртиот ден од тој месец се собраа сите синови Израелови, постејќи, во вреќишта и со пепел на главите свои. И се оддели Израеловото семе од сите туѓинци, станаа, па ги исповедаа гревовите свои и престапите на татковците свои. И стоеја на местата свои, и четврт ден читаа од книгата на законот Господов, својот Бог, а во другата четвртина се исповедаа и Му се поклонуваа на Господ, својот Бог. А тогаш левитите Јешуа, Ваниј, Кадмиел, Шеванија, Буниј, Шеревија, Ваниј и Кенаниј се искачија на повисоко место, наменето за левити, и силно повикаа кон Господ, својот Бог.
Потоа левитите Јешуа, Кадмиел, Ваниј, Хашавнеја, Шеревија, Ходија, Шеванија и Петахија рекоа: „Станете, славете Го Господа, вашиот Бог, одвека довека, и нека се славослови преславното Твое име, кое е повисоко од секое славословие и похвала!“ И рече Ездра: „Ти, Господи, Кој си еден, Ти го создаде небото, небесата на небесата и сета нивна војска, земјата и сѐ што е по неа, морињата и сѐ што е во нив, и Ти го оживуваш сето тоа, и небесните воинства Ти се поклонуваат. Ти сам, Господи Боже, го избра Аврам, го изведе од Ур Халдејски и му даде име Авраам, и го најде срцето негово верно пред Тебе, и склучи со него завет за да му ја дадеш нему и на семето негово земјата на Хананците, Хитијците, Аморејците, Перизијците, Јевусијците и Гергесејците. И Ти го исполни зборот Свој, зашто си справедлив. Бидејќи Ти ја виде маката на предците наши во Египет и ја слушна нивната поплака кај Црвеното Море, и покажа знаци и чудеса над фараонот и над сите негови служители и над сиот народ од земјата негова, бидејќи Ти знаеше, зашто тие постапија горделиво со нив, и Ти си создаде име до денес. Ти го пресече пред нив морето, и тие минаа среде море како по суво, а оние што те гонеа, Ти ги фрли во длабочините како камен во силни води. Во облачен столб Ти ги водеше дење и во огнен столб – ноќе, за да им го осветлуваш патот, по кој требаше да одат. И слезе Ти на гората Синај и говореше со нив од небото, им даде праведен суд, вистински закони, наредби и добри заповеди. И им ја покажа Твојата света сабота и преку Твојот слуга Мојсеј им даде заповеди, наредби и закон. И кога гладуваа, Ти им даваше леб од небото, а кога беа жедни, им извади вода од камен, и им рече да одат и да ја завладеат земјата, која Ти, откога ја крена раката, се заколна дека ќе им ја дадеш. Но тие, нашите татковци, беа упорни, се покажаа тврдоглави и не ги послушаа Твоите заповеди; не сакаа да се покоруваат и не се сетија на Твоите чудесни дела што ги беше направил со нив, станаа тврдоглави и со својата упорност поставија над себеси водач за да се вратат во ропството свое. Но Ти си Бог, Кој сака да проштева, добар и милостив, долготрпелив и многумилостив, и Ти не ги остави. И макар што беа излеале теле и беа рекле: ‚ете го твојот бог што те изведе од Египет‘ – и макар што правеа големи сквернавења, Ти, поради големото Свое милосрдие, не ги остави во пустината; облачниот столб не се одлепуваше од нив дење, за да ги води по патот, и огнениот столб – ноќе за да им свети по патот, по кој требаше да одат. Ти им го даде Твојот благ Дух за да ги поучува, и не ја одземаше маната Своја од устата нивна, па и вода им даваше за гаснење на жедта нивна. Четириесет години ги хранеше во пустината; но ништо не им недостасуваше, облеката не им оветвуваше, нозете не им потекуваа. И Ти им даде царства и народи и им ги раздели, и тие ја завладеаја земјата на Сихон, царот на Есевон, и земјата на Ог, царот на Башан. И им ги умножи синовите нивни како небесните ѕвезди и ги воведе во земјата, за која им беше говорел на татковците нивни дека ќе дојдат да ја владеат. И синовите нивни влегоа и ја завладеаја земјата. И Ти им ги потчини жителите на таа земја – Хананците, и ги предаде во рацете нивни со царевите и народите на земјата за да постапуваат со нив според волјата своја. И тие ги зазедоа утврдените градови и плодната земја, и завладеаја куќи, полни со секаков имот, направени извори во камен, лозја и маслинови градини и многу плодни дрвја за храна. Тие јадеа, се наситуваа, се дебелеа и се насладуваа од Твојата голема добрина