Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Неемија 5:9-19

Неемија 5:9-19 MK2006

Тогаш реков: „Не е добро тоа што го правите. Нели треба да одите во страв пред нашиот Бог за да го одбегнете потсмевот на народите, нашите непријатели? И јас и браќата мои и оние што служат кај мене им даваме на заем и сребро и жито: да им го простиме тој долг. Вратете им ги уште денес нивните ниви, лозјата нивни и маслиновите градини нивни, и куќите нивни, и лихвата од среброто, житото, виното и маслото што сте го зеле од нив.“ А тие одговорија: „Ќе го вратиме и нема ништо да бараме од нив; ќе направиме така, како што велиш.“ Тогаш ги повикав свештениците и им заповедав да се заколнат дека ќе направат така. Па ја истресов облеката своја и реков: „Така да го истресе Бог секој човек што нема да го одржи тој збор од домот негов, од имотот негов, и така да биде во него истресено и празно сѐ!“ И целото собрание рече: „Амин!“ и Го прославија Бога; и народот го одржа тој збор. Од тој ден, кога бев назначен за нивен управител во јудејската земја, од дваесеттата година до триесет и втората година од владеењето на царот Артаксеркс, во текот на дванаесет години, јас и браќата мои никогаш не ги собиравме даноците за управителот. А поранешните управители, што беа пред мене, го оптоваруваа народот и земаа од него жито и вино, освен четириесетте шекели сребро; дури и слугите нивни владееја над народот. Но јас не правев така поради страв Божји. Притоа, јас ги поттикнував рабо­тите околу изградбата на овој ѕид; и ниви не купувавме, а сите мои слуги се собираа таму на работа. Кај мене на трпезата имаше по сто и педесет души Јудејци и началници, покрај оние што доаѓаа кај нас од околните народи. И, еве, што се приготвуваше за еден ден: еден бик, шест одбрани овци и птици се готвеа кај мене; и секои десет дена се набавуваа различни вина во изобилие. И покрај сето тоа, јас не земав управителски данок, зашто тешка работа лежеше врз тој народ. Боже мој, спомни ме мене за сето добро што го направив за овој народ!