И стана Елијашив, првосвештеникот, и браќата негови – свештениците, и ги изградија Овчите Порти: ги ставија вратите нивни и ги осветија и продолжија да ѕидаат од Кулата на Стотината до Кулата на Хананел. До нив градеа ерихонците, а веднаш до нив ѕидаше Закур, син на Имриј. Рибната Порта ја изградија жителите на Сенаа: тие ја покрија и ги ставија крилата нејзини, клучалниците нејзини и резињата нејзини. До нив Меремот, син на Урија и внук на Хакоц, го поправаше ѕидот; до нив Мешулам, син на Варахија, син Мешезавелов; до нив поправаше Садок, синот на Баана. До нив поправаа текојци; но некои од нив, повидните, не го свиткаа грбот за да поработат за својот Господ. Старите порти ги поправаа Јојада, син на Пасеах, и Мешулам, син на Бесодија. Тие ги покрија и ги ставија вратите нивни, клучалките нивни и резињата нивни. До нив поправаше Мелатија, Гаваонец, и Јадон од Меронот, со жителите на Гаваон и на Мицпа, кои му беа потчинети на управителот на областа зад Реката. До него поправаше Узиил, син на Хархаја, златар, а до него поправаше Ананија, син Харакахимов. Тие го обновија Ерусалим до Широкиот Ѕид. До нив поправаше Рефаја, син Оров, началник на половината од ерусалимскиот округ. До нив, токму наспроти куќата своја, поправаше Једаја, син на Харумаф, а до него поправаше Хатуш, син на Хашавнеја. Другиот дел го поправаше Малкија, син на Харим, и Хашув, син на Пахат-Моав; тие го поправаа ѕидот сѐ до Кулата на Печките. До нив поправаше Селум, син на Халохеш, началник на ерусалимскиот полуокруг, – тој и ќерките негови. Долинските Порти ги поправаше Анон, и жителите на Заноах: тие ги изградија и ги ставија вратите нивни, клучалките нивни и резињата нивни: тие уште поправаа и илјада лакти од ѕидот до Гноишните Порти. А Гноишните Порти ги поправаше Малкија, Рихавов син, началник на округот на Бет-Керем: тој ги изгради и ги стави вратите нивни, клучалките нивни и резињата нивни. Изворните Порти ги поправаше Шалун, син на Кол-Хозе, началник на округот Мицпа; тој ги изгради, ги покри и ги стави вратите нивни, клучалките нивни и резињата нивни; тој го поправаше и ѕидот кај базенот Сала, спроти царската градина, и кај скалите што слегуваа од Давидовиот град. По него поправаше Неемија, син на Азбук, началник на половина од округот на Бет-Цур, до Давидовите гробници и до ископаното езеро и до куќата на храбрите. По нив поправаа левитите, раководени од Рехум, син на Ваниј; до него поправаше, за својот округ, Хашавија, началник на половина од округот на Кеила. По нив поправаа браќата нивни: Бинуј, Хенададов син, началник на половина од кеилскиот округ. А до него поправаше Езер, син на Јешуа, началник на Мицпа, на вториот дел, спроти излезот кон оружницата, на аголот. По него ревносно поправаше Варух, син на Закај, на вториот дел, од аголот до куќната врата на Елијашив, првосвештеникот. По него поправаше Меремот, син на Урија, син Хакоцов, на вториот дел, од куќната врата на Елијашив до крајот на Елијашивовата куќа. Понатаму работеа свештениците од околината. Понатаму работеа Венијамин и Хашув, спроти својата куќа; по нив поправаше Азарија, син на Маасеја, Ананиев син, до куќата своја. По него поправаше Бинуј, син на Хенадад, на вториот дел, од Азариевата куќа до аголот и свиокот. Палал, синот на Узај, работеше спроти аголот и кулата, што се издига од горниот царски дом при затворскиот двор. По него Федаја, Парошов син. А храмовите прислужници, што живееја во Офел, поправаа спроти Водните Порти кон исток и до издадената кула. По нив поправаа текојците, на другиот дел, на местото спроти големата издадена кула до Офелскиот ѕид. Од Коњските Порти понатаму поправаа свештениците, секој спроти својата куќа. По нив поправаше Садок, синот на Имер, спроти својата куќа; понатаму работеше Шемаја, син на Шеханија, чувар на Источните Порти. По него поправаше Ананија, Шелемиев син, и Анон, шестиот син на Цалаф, на вториот дел. По нив поправаше Мешулам, Варахиев син, спроти собата своја. По него поправаше Малкија, Хацорфиев син, до куќата на храмовите прислужници и трговците, спроти Мифкадските Порти дури до стражарницата кај аголот на ѕидот. А меѓу стражарницата и Овчите Порти поправаа златари и трговци.