„Слушајте! Ете излезе еден сејач да сее; и се случи, кога сееше, едни зрна да паднат покрај патот, па долетаа птиците небески и ги исколваа. Други паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја, и набргу изникнаа, зашто земјата не беше длабока; а кога изгреа сонцето, тие свенаа, па бидејќи немаа корен, се исушија. Некои паднаа на трње; и израсна трњето, ги задуши и не дадоа плод. А други паднаа на добра земја и почнаа да даваат плод, што израсна и узреа; и принесоа: кое триесет, кое шеесет, кое сто.“ И им рече: „Кој има уши да слуша, нека чуе!“
А кога остана Сам, оние што беа околу Него, заедно со дванаесетте, Го прашаа за параболата. И им кажа: „Вам ви е дадено да ја знаете тајната на царството Божјо, а на оние, надворешните, сѐ ќе им се кажува во параболи, за да гледаат со очи и да не видат; да слушаат со уши и да не разбираат; зашто се плашат да не се обратат некогаш, па да им се простат гревовите.“ И им рече: „Зар не ја разбирате оваа парабола? Како тогаш ќе ги разберете сите параболи?
Сејачот го сее словото. Посеаното покрај патот ги означува оние, кај кои се сее словото, но кај кои, откако ќе го чујат, веднаш доаѓа сатаната и им го грабе словото, посеано во срцата нивни. Исто така и посеаното на каменито место ги означува оние, кои, штом го чујат словото, веднаш со радост го примаат, но немаат во себе корен и се непостојани; па, кога ќе настане жалост или гонење заради словото, веднаш се соблазнуваат. Посеаното во трње ги означува оние што го слушаат словото, но грижите за овој век, примамливото богатство и други желби, кои, кога ќе се вселат во нив, го задушуваат словото и тоа останува бесплодно. А посеаните зрна на добра земја се оние, што го слушаат словото и го примаат и донесуваат плод: едни триесет, други шеесет, а други сто.“