Штом мина саботата, Марија Магдалена, Марија Јаковова и Саломија купија мириси, за да дојдат и да Го помазаат Исус. И во првиот ден од седмицата, дојдоа на гробот многу рано, кога изгреваше сонцето, па си зборуваа меѓу себе: „Кој ќе ни го одвали каменот од вратата на гробот?“ И кога погледнаа, видоа дека каменот е одвален, а тој беше многу голем. Штом влегоа во гробот, видоа еден млад човек, облечен во бели алишта, како седи од десната страна; и се уплашија многу. А тој им рече: „Не плашете се! Вие Го барате Исус од Назарет, Распнатиот. Тој воскресна, не е овде! Еве го местото каде што беше положен. Но одете, кажете им на учениците Негови и на Петар дека Тој пред вас ќе отиде во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви беше рекол.“ Па, штом излегоа, побегнаа од гробот, зашто ги опфати страв и ужас, и никому ништо не рекоа, зашто се плашеа.
А Исус, кога воскресна во првиот ден од седмицата, ѝ се јави најнапред на Марија Магдалена, од која беше истерал седум демони. Таа отиде и им јави на оние, што беа со Него и што плачеа и ридаа. Но тие, кога чуја дека е Тој жив и дека таа Го видела, не поверуваа.
Потоа им се јави во друг лик на двајца од нив по пат, кога одеа в село. И штом се вратија, тие им кажаа на другите; но и ним не им поверуваа.
Најпосле им се јави на единаесетте, кога беа на трпеза, и ги укори за нивното неверие и тврдокорност, зашто не им поверуваа на оние, кои Го видоа воскреснат. Па им рече: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание. Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден. А знаците, на оние што ќе поверуваат, ќе им бидат овие: со Моето име ќе истеруваат демони; ќе говорат нови јазици; ќе фаќаат змии и ако нешто смртоносно испијат, нема да им наштети; на болни ќе полагаат раце и тие ќе оздравуваат.“
А по разговорот со нив, Господ се вознесе на небо и седна од десната страна на Бога. Тие, пак, отидоа и проповедаа насекаде; и Господ го поткрепуваше словото нивно со чуда, што се јавуваа. Амин!