По два дни беше Пасха и празникот Бесквасници. А првосвештениците и книжниците сакаа да Го фатат на измама и да Го убијат; но велеа: „На празникот не, за да не стане бунт меѓу луѓето.“
А кога беше Тој во Витанија, во куќата на Симон Лепрозниот, и седеше на трпеза, дојде една жена со шишенце скапоцен и чист нардов мирис и, кога го искрши шишенцето, го изли мирисот врз главата Негова. А некои негодуваа во себе и говореа: „Зошто мирисот да се растура? Тоа можеше да се продаде за повеќе од триста денарии, и да им се раздадат на сиромасите.“ И негодуваа против неа. Но Исус рече: „Оставете ја неа; зошто ја буните? Таа направи добро дело за Мене! Сиромасите секогаш ги имате со вас и кога сакате, можете да им направите добро; но Мене Ме немате секогаш. Тоа што можеше, таа го направи: однапред го помаза телото Мое за погребение. Вистина ви велам: каде и да се проповеда ова Евангелие, по целиот свет ќе се прикажува за нејзин спомен и тоа, што го направи таа.“
Тогаш Јуда Искариот, еден од дванаесетте, отиде кај првосвештениците за да им Го предаде. А тие, штом чуја, се зарадуваа и ветија да му дадат пари. И бараше погодно време за да Го предаде.
Во првиот ден на Бесквасници, кога го колеа Пасхалното јагне, учениците Негови Му рекоа: „Каде сакаш да отидеме и да приготвиме, за да ја јадеш Пасхата?“ И прати двајца од учениците Свои, па им рече: „Отидете в град; и ќе ве сретне еден човек, што ќе носи вода во стомна; одете по него. И каде што ќе влезе тој, кажете му на домаќинот: ‚Учителот прашува: каде е собата, во која ќе ја јадам Пасхата со учениците Свои?‘ И тој ќе ви покаже голема соба, послана, приготвена; таму згответе ни.“ И излегоа учениците Негови и дојдоа во градот, и најдоа како што им беше рекол, па ја приготвија Пасхата.
А кога се стемни, Тој дојде со дванаесетте. И кога седеа и јадеа, Исус им рече: „Вистина ви велам: еден од вас, што јаде со Мене, ќе Ме предаде.“ Тие се разжалостија и почнаа еден по друг да прашуваат: „Да не сум јас?“ А Тој им одговори и рече: „Еден од дванаесетте е, што мака со Мене во чинијата. Но Синот Човечки заминува, како што е пишано за Него. Само тешко му на оној човек, преку кого Синот Човечки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек, да не се беше родил!“
И кога јадеа, зеде Исус леб, го благослови, го прекрши, па им даде и рече: „Земете, јадете; тоа е Моето тело.“ Потоа ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде; и се напија од неа сите. И им рече: „Тоа е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина. Вистина ви велам: Јас нема да пијам веќе од лозовиот плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов во царството Божјо.“ Па, откако испеаја благодарствена песна, се искачија на Маслиновата Гора.
И им рече Исус: „Сите ќе се соблазните заради Мене во оваа ноќ, зашто е напишано: ‚Ќе го удрам пастирот и ќе се разбегаат овците.‘ Но после, кога ќе воскреснам, ќе отидам во Галилеја пред вас.“ А Петар Му рече: „Дури и сите да се соблазнат, јас не!“ Му рече Исус: „Вистина, ти велам дека уште денес, во оваа ноќ, пред да запее петел двапати, ти трипати ќе се откажеш од Мене!“ Но тој уште повеќе тврдеше: „Ако треба дури и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе.“ И сите така рекоа.