„Никој не може да им слугува на двајца господари: зашто, или едниот ќе го замрази, а другиот ќе го засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бога и на Мамон.
Затоа ви велам: немојте да се грижите за вашата душа – што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за телото, во што ќе се облечете. Зар не чини вашата душа повеќе од храната, и телото – од облеката? Погледнете ги птиците небески: тие ни сеат, ни жнеат, ниту во амбар собираат, но вашиот небесен Отец ги храни. Зар не сте вие многу поскапи од нив? А кој од вас, грижејќи се, може на својот раст да му придаде макар еден лакт? Зошто се грижите и за облеката? Погледнете ги полските кринови како растат! Не се трудат, ниту предат; но ви велам дека ни Соломон, во целата своја слава не се облече така, како еден од нив. Па, ако полската трева, што денеска ја има, а утре во оган се фрла, Бог така ја облекува, а колку повеќе ќе стори за вас, маловерни!? Па затоа, не грижете се и не говорете: ‚што да јадеме, или што да пиеме‘, или ‚во што да се облечеме?‘ Зашто сето тоа го бараат незнабошците, а вашиот Отец небесен знае дека за сето ова имате потреба. Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придодаде. И затоа, немојте да се грижите за утре, зашто утрешниот ден ќе се грижи за своето; на секој ден доволна е неговата неволја.“