А во првиот ден на празникот Бесквасници пристапија кон Исус учениците и Му рекоа: „Каде сакаш да ти приготвиме да јадеш Пасха?“ Тој им рече: „Одете в град кај тој и тој човек и кажете му: ‚Учителот вели: времето Ми наближи, кај тебе ќе ја прославам Пасхата со учениците Свои.‘“ Учениците постапија како што им заповеда Исус и ја приготвија Пасхата.
Кога се стемни, Тој седна на трпезата со дванаесетте. И кога јадеа, им рече: „Вистина ви велам: еден од вас ќе Ме предаде.“ Тие многу се нажалија и секој од нив почна да Го прашува: „Да не сум јас, Господи?“ А Тој им одговори и рече: „Оној што макна со Мене од чинијата, тој ќе Ме предаде. Синот, пак, Човечки, вистина си оди, како што е напишано за Него; но тешко му на оној човек преку кого Синот Човечки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек да не се беше родил.“ А Јуда, што Го предаде, одговори и рече: „Да не сум јас, Рави?“ Му одговори: „Ти рече.“
И кога јадеа, Исус зеде леб, го благослови, го прекрши, и откако им го даде на учениците, рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.“ И кога ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: „Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите. И вам ви велам, зашто отсега нема да пијам од овој лозов плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов со вас, во царството на Мојот Отец.“ И откако испеаја благодарствена песна, се искачија на Маслиновата Гора.
Тогаш Исус им рече: „Сите вие ќе Ме оставите уште оваа ноќ; зашто е напишано: ‚Ќе удрам по пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат.‘ А по воскресението Мое ќе отидам пред вас во Галилеја.“ Тогаш Петар Му одговори и рече: „Дури и сите да се соблазнат поради Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам.“ Исус му рече: „Вистина, ти велам: оваа ноќ уште пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене.“ Петар Му кажа: „Ако затреба дури и да умрам со Тебе, нема да се откажам од Тебе!“ Истото го говореа и сите ученици.
Потоа отиде Исус со нив на едно место, наречено Гетсиманија, и им рече на учениците: „Поседете тука, додека отидам онаму да се помолам.“ И кога ги поведе со себе Петар и двајцата Заведееви синови, се натажи и почна да тагува. Тогаш Исус им рече: „Смртно е нажалена Мојата душа; останете тука и бидете будни со Мене!“ Оддалечувајќи се малку, падна ничкум; се молеше и говореше: „Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; сепак, нека биде не како што сакам Јас, туку како што сакаш Ти.“ Па дојде кај учениците и ги затече како спијат, и му рече на Петар: „Толку ли не можевте еден час да останете со Мене будни!? Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.“ Повторно отиде и се помоли, говорејќи: „Оче Мој, ако не може да ме одмине оваа чаша без да ја пијам, тогаш нека биде волјата Твоја!“ Кога дојде, пак ги најде како спијат, зашто очите им беа натежнале. Тогаш ги остави, отиде и се помоли по третпат, изговарајќи ги истите зборови. Потоа пак дојде кај учениците Свои и им рече: „Сѐ уште спиете и почивате! Ете, наближи часот и Синот Човечки се предава во рацете на грешниците. Станете да одиме! Ете, се приближува оној што Ме предава.“
Додека Тој уште говореше, ете, Јуда, еден од дванаесетте, дојде, и со него многу луѓе со ножеви и колови, испратени од страна на првосвештениците и старешините народни. А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: „Фатете Го Тој што ќе го бакнам!“ И веднаш се приближи до Исус и Му рече: „Те поздравувам, Рави!“ И Го бакна. А Исус му рече: „Пријателе, зошто си дошол?“ Тогаш пристапија, положија раце на Исус и Го фатија. И ете, еден од оние што беа до Исус, протегна рака и извади нож, па го удри слугата на првосвештеникот, и му го отсече увото.