Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 24:15-35

Матеј 24:15-35 MK2006

„Па така, штом го видите гнасниот пустошник како стои на светото место, за кој зборува пророкот Даниел – кој чи­та нека разбере, тогаш оние, што се наоѓаат во Ју­де­ја, нека бегаат по планините; кој е на покрив нека не слегува да земе нешто од куќата своја; и кој е на нива, нека не се враќа до­ма за да ги земе алиштата свои! Но тешко на бремените и на доил­ките во тие дни! Затоа молете се да не стане бегањето ваше зиме или во сабота; зашто тогаш ќе има страдања, как­ви што немало од почетокот на светот па досега, ниту, пак, ќе ги има. И ако не се скратат оние дни, никој не би се спасил; но заради избраните ќе се скратат тие дни. Тогаш, ако ви каже некој: ‚Еве, ов­де е Христос‘ или ‚таму е‘ – не верувај­те! Зашто ќе се појават лажни месии и лажни пророци, и ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, дури и избраните. Ете, однапред ви кажав. И така, ако ви речат: ‚Ете, Тој е во пустината‘ – не излегувајте; или, ‚ете, во тајна соба е‘ – не верувајте! Зашто, како што молњата излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде доаѓањето на Синот Човечки. Зашто, каде што е мршата, таму се собираат и орлите.“ „И веднаш, по маките на тие дни, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвезди ќе паѓаат од небото, и силите небески ќе се разнишаат. Тогаш ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки и ќе се расплачат си­те земни племиња, и ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на небесните об­ла­ци, со голема слава и сила; и ќе ги испрати Своите ангели со силен трубен глас, и ќе ги соберат Не­говите избраници од четирите ветра, од едниот до другиот крај на небесата.“ „Со смоквата направете споредба: штом ќе се подмладат нејзините гранки и пуштат лисја, знаете дека е близу ле­тото. Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата. Вистина ви велам: нема да мине овој род додека сето тоа не се исполни. Небото и земјата ќе минат, но збо­ровите Мои нема да минат.“