Во истиот ден пристапија кон Него и садукеите, кои велат дека нема воскресение, и Го прашаа, говорејќи: „Учителе, Мојсеј рече: ‚Ако умре некој без деца, тогаш брат му нека ја земе жената негова и нека му подигне потомство на својот брат!‘ Кај нас имаше седуммина браќа; првиот се ожени и умре; па, бидејќи немаше пород, ја остави жената своја на брата си; исто така направи и вториот, и третиот, дури и седмиот; а по сите нив умре и жената. При воскресението, на кого од седуммината ќе биде таа жена, бидејќи со сите живеела?“ Исус им одговори: „Се лажете, зашто не ги познавате Писмата, ниту силата Божја; зашто при воскреснувањето луѓето ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку ќе живеат како ангели Божји на небесата. А за воскреснувањето на мртвите, не сте ли читале што ви рекол Бог, Кој вели: ‚Јас сум Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.‘ Бог не е Бог на мртвите, туку на живите.“ И народот, слушајќи го тоа, се восхитуваше на Неговата наука.
Кога фарисеите слушнаа дека ги посрами садукеите, се здружија со нив. И еден од нив, познавач на Законот, искушувајќи Го, запраша и рече: „Учителе, која заповед е најголема во Законот?“ А Исус му одговори: „‚Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум;‘ тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: ‚возљуби го својот ближен како себеси!‘ На тие две заповеди се држат целиот Закон и Пророците.“
И кога се собраа фарисеите, Исус ги праша и рече: „Што мислите за Христос? Чиј син е Тој?“ Му одговорија: „Давидов.“ Им рече: „Како тогаш Давид, преку Духот Го нарече Господ, велејќи: ‚Му рече Господ на Мојот Господ: Седи од Мојата десна страна, додека не ги положам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.‘ И така, ако Давид Го нарече Господ, како тогаш може Тој да Му е син?“ И никој не можеше да Му одговори ниту збор, и од тој ден никој веќе не се осмели да Го праша.