А кога се роди Исус во Витлеем Јудејски, во времето кога царуваше Ирод, ете, дојдоа во Ерусалим мудреци од исток и рекоа: „Каде е новородениот Јудејски Цар? Ја видовме Неговата ѕвезда на исток, па дојдовме да Му се поклониме.“ Штом го чу тоа, царот Ирод се вознемири и цел Ерусалим со него. И кога ги собра сите првосвештеници и книжници од народот, ги праша: „Каде треба да се роди Христос?“ А тие му одговорија: „Во Витлеем Јудејски; зашто така е напишано преку пророкот: ‚И ти, Витлееме, земјо Јудина, по ништо не си помал меѓу војводствата Јудини; зашто од тебе ќе излезе Водач што ќе го пасе Мојот народ – Израел.‘“ Тогаш Ирод тајно ги повика мудреците и го дозна од нив за времето кога се појавила ѕвездата, па, испраќајќи ги во Витлеем, им рече: „Одете и распрашајте се добро за Младенецот и, штом ќе Го најдете, јавете ми за да одам и јас да Му се поклонам.“ Тие, откако го ислушаа царот, си заминаа. И, ете, ѕвездата, што ја беа виделе на исток, врвеше пред нив, додека не пристигна и се запре над местото каде што беше Младенецот. А кога ја видоа ѕвездата, тие се зарадуваа со многу голема радост. И штом влегоа во куќата, Го видоа Младенецот со мајка Му Марија, и паднаа, па Му се поклонија; потоа ги отворија своите ковчежиња и Му принесоа дарови: злато, ливан и смирна. И откако примија предупредување на сон, не се вратија веќе кај Ирод, туку си заминаа по друг пат за својата земја.