„Затоа царството небесно прилега на царот кој побарал да ја расчисти сметката со своите слуги. Кога почна да ја расчистува сметката, доведоа кај него еден што му должеше десет илјади таланти; па, бидејќи немаше со што да плати, господарот негов нареди да го продадат него, и жена му, и децата негови, и сѐ што имаше, за да наплати. Тогаш тој слуга падна пред него на колена и му се поклонуваше говорејќи: ‚Господаре, стрпи се спрема мене и сѐ ќе ти платам.‘ А господарот на тој слуга се смилува, го пушти и му го прости долгот. Слугата, пак, штом излезе, најде еден од другарите свои, кој му должеше сто денарии, и кога го фати, го давеше и му велеше: ‚Врати ми го долгот!‘ Тогаш неговиот другар падна ничкум пред нозете негови, го молеше и велеше: ‚Стрпи се спрема мене и сѐ ќе ти исплатам!‘ Но тој не сакаше, туку отиде и го фрли во затвор, додека не му го исплати долгот. Другарите, пак, негови, кога видоа што се случи, многу се огорчија, па отидоа и му кажаа на својот господар за сѐ што се случи. Тогаш господарот негов го повика и рече: ‚Зол слуго, јас ти го простив целиот долг, зашто ми се молеше; не требаше ли и ти да се смилуваш над својот другар, како што се смилував и јас над тебе?‘ И се разгневи господарот негов, па го предаде на мачители, додека не му го исплати целиот долг. Така и Мојот Отец небесен ќе постапи со вас, ако секој од вас не му прости од срце на брата си.“