Во тој час се приближија учениците до Исус и рекоа: „Кој е најголем во царството небесно?“ И Исус повика едно дете, го постави меѓу нив и им рече: „Вистина ви велам, ако не се промените и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно: кој ќе биде понизен како ова дете, тој е најголем во царството небесно; и кој прима такво дете во Мое име, Мене Ме прима.“
„Кој ќе соблазни едно од овие мали, за него е подобро да му се обеси воденички камен на вратот и да потоне во морска длабочина. Тешко му на светот од соблазни, зашто соблазните треба да дојдат; но тешко му на оној човек, преку кого доаѓа соблазната. Ако те соблазнува раката твоја или ногата твоја, отсечи ја и фрли ја од себе: подобро е за тебе да влезеш во животот без една рака или нога, отколку со двете раце и двете нозе да бидеш фрлен во вечниот оган; и ако те соблазнува окото твое, извади го и фрли го од себе: подобро е за тебе да влезеш во животот со едно око, отколку да ги имаш и двете очи, а да бидеш фрлен во огнениот пекол.“
„Гледајте да не презрете едно од овие мали, зашто, ви велам, нивните ангели на небесата секогаш го гледаат лицето на Мојот Отец небесен. (Зашто Синот Човечки дојде да го бара и спаси загубеното.) Што мислите? Ако некој има сто овци и една од нив се загуби, нема ли да ги остави деведесет и деветте в планина и да појде да ја бара загубената овца? Па, ако ја најде, ве уверувам дека ќе се радува за неа повеќе отколку за деведесет и деветте незагубени. Така и вашиот Отец небесен не сака да загине ниедно од овие, маливе.“
„Ако згреши против тебе братот твој, оди и искарај го насамо; ако те послуша, си го придобил брата си; ако не те послуша, поведи со себе уште еден или двајца, па со устата на двајца или тројца сведоци нека се потврди секој збор; ако, пак, не ги послуша и нив, кажи ѝ на црквата; па, ако и црквата не ја послуша, тогаш нека ти биде тој како незнабожец и цариник.“ „Вистина ви велам: сѐ што ќе сврзете на земјата, ќе биде сврзано и на небото; и сѐ што ќе разврзете на земјата, ќе биде разврзано и на небото.
Пак ви велам: ако двајца од вас се согласат на земјата да молат за нешто, што и да било, ќе им биде дадено од Мојот Отец небесен; зашто, каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас среде нив.“