И веднаш ги повика Исус учениците Свои да влезат во кораб и да минат на другата страна пред Него, додека Тој да го распушти народот. Па штом го распушти народот, Тој се искачи на планината за да се помоли насамо. И таа вечер остана таму Сам. А коработ беше веќе на сред море и брановите го удираа, зашто ветрот дуваше спротивно. Но на четвртата стража преку ноќта, дојде Исус кај нив, одејќи по морето. А учениците, штом Го видоа како оди по морето, се уплашија и рекоа: „Тоа е привидение!“ и од страв извикаа. Но Исус веднаш почна да зборува со нив и им рече: „Не бојте се! Јас сум, не плашете се!“ А Петар, одговарајќи Му, рече: „Господи, ако си Ти, заповедај да дојдам кај Тебе по водата!“ И Исус му рече: „Дојди!“ Па штом излезе од коработ, Петар тргна по водата за да оди кај Исус; но, кога го виде силниот ветар, се уплаши, почна да тоне и извика: „Господи, спаси ме!“ Исус веднаш му подаде рака, го фати и му рече: „Маловернику, зошто се посомнева?“ И кога влегоа во коработ, ветрот престана. А оние што беа во коработ Му пристапија, Му се поклонија и рекоа: „Навистина, Ти си Синот Божји!“
Па откако преминаа, дојдоа во земјата генисаретска. Луѓето од тоа место, штом Го познаа, разгласија по целата таа околија и ги донесоа кај Него сите болни. И Го молеа да се допрат барем до крајот од Неговата облека; и тие што се допреа, се излекуваа.