Во тоа време гласот за Исус дојде и до Ирод четворовласникот, кој им рече на своите потчинети: „Тоа е Јован Крстител; тој воскреснал, па затоа и стануваат чуда преку него!“ Зашто Ирод, кога го фати Јован, го врза и го фрли во затвор заради Иродијада, жената на брат му Филип; бидејќи Јован му велеше: „Не доликува да биде твоја!“ И сакаше да го убие, но се плашеше од народот, зашто го сметаа за пророк. А кога му беше роденден на Ирод, ќерката на Иродијада играше пред гостите и му угоди на Ирод; затоа тој ѝ се заколна дека ќе ѝ даде што и да побара. И таа, подучена од мајка си, рече: „Дај ми ја овде на чинија главата на Јован Крстител!“ И се загрижи царот; но, заради заклетвата и гостите свои, нареди да ѝ ја дадат. Па прати, та ја отсекоа главата на Јован во затворот. И ја донесоа главата негова на чинија и ѝ ја дадоа на девојката, а таа ја однесе на мајка си. Учениците, пак, негови, дојдоа, го земаа неговото тело и го погребаа; па отидоа и му јавија на Исус.
Штом го чу тоа Исус, замина оттаму со кораб во пусто место, Сам а народот, штом дозна за тоа, тргна по Него пеш од градовите. И кога излезе Исус, виде многу свет; и се смилува над нив и ги излекува нивните болни. А на стемнување се приближија до Него учениците Негови и рекоа: „Местово е пусто, а и доцна е веќе; пушти го народот да оди по селата и да си купи храна.“ Но Исус им рече: „Нема потреба да одат; дајте им вие да јадат!“ А тие Му рекоа: „Ние имаме само пет леба и две риби.“ Тој им рече: „Донесете Ми ги тука!“ И откако му заповеда на народот да седне по тревата, ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото, ги благослови, ги прекрши и им ги даде лебовите на учениците, а учениците – на народот. И јадеа сите и се наситија; и кренаа дванаесет кошеви полни со останати парчиња. А оние што јадеа беа околу пет илјади мажи, покрај жените и децата.