Водеа и двајца злосторници, за да ги погубат со Него. И кога дојдоа на местото, наречено Черепница, Го распнаа таму Него и злосторниците, едниот оддесно, а другиот одлево. А Исус рече: „Оче, прости им, зашто не знаат што прават!“ И кога го делеа облеклото Негово, фрлија ждрепка. А народот стоеше и гледаше; се потсмеваа заедно со народот и првосвештениците, велејќи: „Други спаси, нека Се спаси и Сам, ако е Тој Христос, избраникот Божји!“ Исто така и војниците се подигруваа со Него; приближувајќи се, тие Му принесуваа оцет, и велеа: „Ако си Ти Царот Јудејски, спаси се Сам!“ А над Него имаше натпис, напишан на грчки, латински и еврејски: „Овој е Царот Јудејски.“ Еден од распнатите злосторници хулеше на Него, велејќи: „Ако си Ти Христос, спаси се Себе Самиот и нас!“ А другиот, кога одговори, го искара и рече: „Зар и од Бога не се плашиш, кога си веќе и сам осуден? Ние сме праведно осудени, зашто примивме заслужена казна според нашите дела; но Тој ништо лошо не направил.“ И Му рече на Исус: „Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!“ А Исус му рече: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!“