И сето мноштво се крена, па Го поведоа кај Пилат, и почнаа да Го обвинуваат, говорејќи: „Го најдовме Овој како го одвраќа народот наш и забранува да се дава данок на царот, и вели за Себе дека е Тој Христос и Цар.“ Пилат Го запраша, велејќи: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Тој одговори и му рече: „Ти велиш.“ Пилат им рече на првосвештениците и на народот: „Јас не наоѓам никава вина кај Овој Човек.“ Но тие и понатаму велеа дека Тој го побунува народот и поучува по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја па до овде.
А Пилат, штом чу за Галилеја, запраша: „Зар е Овој Човек Галилеец?“ И кога разбра дека е Тој од областа Иродова, Го испрати кај Ирод, кој во тоа време, исто така, беше во Ерусалим. Ирод, кога Го виде Исус, се зарадува многу, бидејќи одамна имаше желба да го види, зашто беше слушал многу за Него, па се надеваше дека ќе види некое чудо направено од Него, и Му поставуваше многу прашања, но Тој ништо не одговори. А првосвештениците и книжниците стоеја и непрекинато Го обвинуваа. Ирод, пак, со војниците свои, откако Го понизи и Му облече светла облека, Го прати пак кај Пилат. Во тој ден Пилат и Ирод станаа пријатели, зашто порано беа скарани меѓу себе.
Пилат ги повика првосвештениците, управниците и народот, па им рече: „Ми го доведовте Овој Човек како бунтовник на народот; а еве, јас пред вас Го испитав и не најдов кај Него никаква вина во она, за што Го обвинувате; и Ирод исто така, зашто Го пратив и кај него; и ете, Тој не направил ништо што би заслужувало смрт; па затоа ќе го камшикувам и ќе Го пуштам.“ А тој требаше за празникот да им ослободи еден затвореник. Но сиот народ повика, говорејќи: „Земи Го Овој, а пушти ни го Варава!“ Варава беше фрлен в затвор заради некаква буна во градот и убиство. Пилат одново извика гласно дека сака да Го пушти Исус. Но тие викаа, велејќи: „Распни Го, распни!“ Тој и по третпат им рече: „Та какво зло направил Овој? Јас не најдов во Него ништо што заслужува смрт; па затоа ќе Го камшикувам и ќе Го пуштам.“ Но сите постојано настојуваа со голем вик и бараа да биде распнат; и надвладеа нивниот вик и оној на првосвештениците. И Пилат одлучи да го исполни нивното барање, па им го пушти затвореникот кој беше во темница заради бунт и убиство, оној за кого молеа; и Исус им го предаде на нивната волја.
И кога Го поведоа, Го фатија некој си Симон Киринеец, кој се враќаше од нива, и му го ставија крстот, за да го носи по Исус. А по Него одеа многу луѓе и жени, кои плачеа и ридаа за Него. Но Исус, кога се заврте кон нив, им рече: „Ќерки ерусалимски, не плачете за Мене, туку плачете за себе и за своите деца; зашто, ете, се приближуваат деновите кога ќе се рече: ‚Блазе на неплодните и на утробите што не родиле и на градите што не доеле!‘