И уште додека Тој зборуваше, ете, се појави мноштво луѓе заедно со еден од Дванаесетте, наречен Јуда, кој се приближи до Исус да Го целива. (Зашто таков знак им беше дал: „Кого ќе Го целивам, Тој е.“) А Исус му рече: „Јудо, со целив ли Го предаваш Синот Човечки?“ Оние, пак, што беа со Него, кога видоа што ќе стане, Му рекоа: „Господи, да удриме ли со нож?“ И еден од нив го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво. А Исус одговори и рече: „Оставете го тоа, запрете!“ Па го допре увото негово и го исцели. А на првосвештениците и храмовните управници и на старешините, што беа дошле против Него, Исус им рече: „Како на разбојник ли сте излегле со ножеви и колови за да Ме фатите? Секој ден бев со вас во храмот и не кренавте рака на Мене, но сега е вашето време и власта на мракот.“
И кога Го фатија, Го поведоа и одведоа во домот на првосвештеникот. А Петар оддалеку одеше по Него. Кога запалија оган во дворот и седнаа наоколу, седна и Петар меѓу нив. А една слугинка, штом го виде како седи покрај огнот, погледна на него и рече: „И овој беше со Него!“ Но тој се одрече од Него, велејќи: „Жено, не Го познавам!“ Малку потоа, кога го виде еден друг, рече: „И ти си од нив!“ Но Петар му рече: „Човеку, не сум!“ А кога мина време околу еден час, еден друг човек почна да тврди, зборувајќи: „Навистина, и овој беше со Него, зашто е Галилеец!“ Но Петар рече: „Човеку, не знам што зборуваш!“ И одеднаш, уште додека говореше, запеа петел. Тогаш Господ се заврти и го погледна Петар, а Петар се сети на Господовите зборови што Му ги беше рекол: „Уште додека петел не пропее, трипати ќе се одречеш од Мене.“ И штом излезе надвор, заплака горко.
А луѓето, што го држеа Исус, Му се потсмеваа и Го тепаа. Па, откако Го покрија, Го удираа по образите, и го прашуваа, велејќи: „Проречи кој Те удри?“ И многу други хули рекоа против Него.
А кога се раздени, се собраа старешините народни, првосвештениците и книжниците и Го воведоа во Синедрионот, и рекоа: „Ако си Ти Христос, кажи ни!“ Но Тој им одговори: „И ако ви кажам, навистина нема да поверувате. А ако ве запрашам, нема да Ми одговорите. Отсега Синот Човечки ќе седи оддесно на силата Божја.“ И сите рекоа: „Ти ли си, значи, Синот Божји?“ А Тој им рече: „Вие велите дека сум Јас.“ А тие рекоа: „Какво сведоштво ни треба уште? Ние сами чувме од Неговата уста.“