Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 22:35-71

Лука 22:35-71 MK2006

Па им рече: „Кога ве праќав без ќе­се, и без торба, и без обувки, дали ви не­достасуваше нешто?“ Тие одговорија: „Ништо.“ И им рече: „Но сега, кој има ќесе, нека си го земе, исто така и торба; а кој нема, нека си ја продаде облеката и нека си купи нож; зашто, ви велам, на Мене треба да се исполни и ова од Писмото: ‚И меѓу злосторници Го вброија.‘ Зашто она што се однесува за Мене, се исполнува.“ А тие рекоа: „Господи, еве овде има два ножа.“ Тој им одговори: „Доволни се.“ И кога излезе, тргна, како обично, кон Маслиновата Гора; по Него одеа и учениците Негови. А штом дојде на тоа место, им рече: „Молете се за да не паднете во ис­ку­ше­ние!“ И Тој се одвои од нив, колку камен што може да се фрли, па ги преклони ко­лената и се молеше, велејќи: „Оче, кога би сакал да ја тргнеш оваа чаша од Мене! Но нека не биде мојата волја, туку Твојата!“ И му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше. Па, бидејќи се наоѓаше во внатреш­на борба, поусрдно се молеше, а потта Му беше како капки крв, што паѓаа на земјата. Штом стана од молитвата, дојде кај учениците Свои и ги најде заспани од тага. И им рече: „Зошто спиете? Станете и молете Му се на Бога за да не паднете во искушение!“ И уште додека Тој зборуваше, ете, се појави мноштво луѓе заедно со еден од Дванаесетте, наречен Јуда, кој се приближи до Исус да Го целива. (Зашто таков знак им беше дал: „Кого ќе Го целивам, Тој е.“) А Исус му рече: „Јудо, со целив ли Го предаваш Синот Човечки?“ Оние, пак, што беа со Него, кога ви­доа што ќе стане, Му рекоа: „Господи, да удриме ли со нож?“ И еден од нив го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво. А Исус одговори и рече: „Оставете го тоа, запрете!“ Па го допре увото не­гово и го исцели. А на првосвештениците и храмов­ни­те управници и на старешините, што беа дошле против Него, Исус им рече: „Како на разбојник ли сте излегле со ножеви и колови за да Ме фатите? Секој ден бев со вас во храмот и не кренавте рака на Мене, но сега е вашето време и власта на мракот.“ И кога Го фатија, Го поведоа и од­ведоа во домот на првосвештеникот. А Петар оддалеку одеше по Него. Кога запалија оган во дворот и седнаа наоколу, седна и Петар меѓу нив. А една слугинка, штом го виде како седи покрај огнот, погледна на него и рече: „И овој беше со Него!“ Но тој се одрече од Него, велејќи: „Жено, не Го познавам!“ Малку потоа, кога го виде еден друг, рече: „И ти си од нив!“ Но Петар му рече: „Човеку, не сум!“ А кога мина време околу еден час, еден друг човек почна да тврди, зборувајќи: „Навистина, и овој беше со Него, зашто е Галилеец!“ Но Петар рече: „Човеку, не знам што зборуваш!“ И одеднаш, уште додека говореше, запеа петел. Тогаш Господ се заврти и го пог­ледна Петар, а Петар се сети на Гос­по­довите зборови што Му ги беше рекол: „Уште додека петел не пропее, трипати ќе се одречеш од Мене.“ И штом излезе надвор, заплака гор­ко. А луѓето, што го држеа Исус, Му се потсмеваа и Го тепаа. Па, откако Го покрија, Го удираа по образите, и го прашуваа, велејќи: „Про­речи кој Те удри?“ И многу други хули рекоа против Него. А кога се раздени, се собраа ста­ре­шините народни, првосвештениците и книжниците и Го воведоа во Си­не­дри­о­нот, и рекоа: „Ако си Ти Христос, кажи ни!“ Но Тој им одговори: „И ако ви ка­жам, навистина нема да поверувате. А ако ве запрашам, нема да Ми од­говорите. Отсега Синот Човечки ќе седи од­дес­но на силата Божја.“ И сите рекоа: „Ти ли си, значи, Си­нот Божји?“ А Тој им рече: „Вие велите дека сум Јас.“ А тие рекоа: „Какво сведоштво ни треба уште? Ние сами чувме од Не­го­ва­та уста.“

Video for Лука 22:35-71