Кога го рече тоа, Тој тргна понатаму, искачувајќи се кон Ерусалим. И кога се приближи до Витфагија и Витанија, до таканаречената Маслинова Гора, испрати два ученика, велејќи: „Одете во селоно отспротива. Штом ќе влезете во него, ќе најдете едно врзано магаре, кое ниеден човек не го јавал. Одврзете го и доведете го! И ако ве праша некој: ‚Зошто го одврзувате?‘ Кажете му вака: ‚Тоа Му е потребно на Господ.‘“ Кога отидоа испратените, најдоа како што им беше рекол. И кога го одврзуваа магарето, стопаните им рекоа: „Зошто го одврзувате магарето?“ Тие одговорија: „Потребно Му е на Господ.“ И го доведоа кај Исус, па штом ги нафрлија облеките свои на магарето, Му помогнаа на Исус да се качи. И додека минуваше Тој, ги постилаа своите наметки по патот. А кога наближи до местото од каде што се слегува од Маслиновата Гора, сето мноштво ученици почна радосно да Го прославува Бога со висок глас, за сите чуда што ги видоа, велејќи: „Благословен е Царот Кој доаѓа во името Господово! Мир на небото и слава во висините!“ А некои фарисеи од народот Му рекоа: „Учителе, забрани им на учениците Твои!“ Но Тој им одговори и рече: „Ви велам, ако тие замолкнат, камењата ќе повикаат.“
А кога се приближи и го виде градот, заплака над него и рече: „Кога би можел во овој ден и ти да го дознаеш она што е потребно за твојот мир! Но тоа е сега сокриено од твоите очи. Зашто ќе дојдат денови за тебе и непријателите твои ќе те опкружат со ровови и ќе те опколат, и ќе те притеснат од сите страни; и ќе те срамнат со земјата тебе и ќе ги избијат децата твои во тебе и нема да остават камен на камен од тебе, зашто не си го позна времето кога беше посетен.“
И кога влезе во храмот, почна да ги гони оние што продаваа и купуваа во него, велејќи: „Напишано е: ‚Домот Мој е дом за молитва, а вие го направивте разбојничка пештера.‘“ И поучуваше секој ден во храмот. А првосвештениците и книжниците, и старешините народни, настојуваа да го погубат, но не пронајдоа како да Му го направат тоа, зашто сиот народ Го слушаше со големо внимание.