Им кажа и една парабола за тоа како е потребно секогаш да се молат и да не паѓаат со духот. И рече: „Во некој град си беше еден судија, кој од Бога не се плашеше, ниту од луѓето се срамуваше. Во истиот град живееше една вдовица и доаѓаше кај него, велејќи: ‚Заштити ме од мојот противник!‘ Но тој за долго време не сакаше. Најпосле си рече во себе: ‚Иако од Бога не се плашам и од луѓето не се срамувам, но, бидејќи оваа вдовица не ми дава мир, ќе ја заштитам, за да не доаѓа повеќе и да не ми додева.‘“ И рече Господ: „Чујте што зборува несправедливиот судија! Зарем Бог нема да ги одбрани Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе; макар и да забави? Ви велам, ќе ги одбрани набргу. Но Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“
А на оние што беа уверени во себе дека се праведни и ги презираа другите, им ја кажа оваа парабола: „Два човека влегоа во храм да се помолат: едниот фарисеј, а другиот цариник. Кога застанаа, фарисејот вака се молеше во себе: ‚Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе; разбојници, несправедливи, прељубници, или како овој цариник. Постам двапати во седмицата, давам десеток од сѐ што ќе стекнам.‘ А цариникот стоеше оддалеку; не смееше дури и очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради и велеше: ‚Боже, биди милостив спрема мене грешниот!‘ Ви велам: тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној, зашто секој што самиот себе се возвишува, ќе биде понизен, а кој се понизува себе самиот, ќе биде возвишен.“
Кај Него донесуваа и мали деца за да ги допре; а учениците, штом ќе видеа, им забрануваа. Но тогаш Исус ги повика и им рече: „Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене, и не ги спречувајте, зашто на таквите им припаѓа царството Божјо! Вистина ви велам: кој нема да го прими царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него.“