И ете, стана еден законик и, искушувајќи Го, рече: „Учителе, што треба да направам за да наследам живот вечен?“ А Тој му рече: „Што е напишано во Законот? Што читаш таму?“ Тој одговори и рече: „Возљуби Го Господ, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој разум; и својот ближен како себе си!“ Му кажа пак: „Добро одговори; тоа прави го и ќе живееш.“
Но тој, сакајќи да се оправда, Му рече на Исус: „А кој е мој ближен?“ Исус му одговори и рече: „Еден човек, додека слегуваше од Ерусалим во Ерихон, западна меѓу разбојници. Тие го соблекоа и го претепаа, и си отидоа, оставајќи го полумртов. Случајно во тоа време слегуваше по тој пат еден свештеник и, кога го виде, помина на спротивната страна. Исто така и еден левит, кога дојде на тоа место, погледна и премина на другата страна. Еден, пак, Самарјанин, кој патуваше, кога дојде до него, го виде и се сожали. И кога се приближи, му ги преврза раните, полевајќи ги со масло и со вино. Потоа го качи на добитокот свој, го однесе во гостилница и се погрижи за него. А утредента, на кинисување, извади два денарија, му ги даде на гостилничарот и му рече: ‚Погрижи се за него; а ако потрошиш нешто повеќе, кога ќе се вратам, ќе ти платам.‘