Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исус Навин 24:1-25

Исус Навин 24:1-25 MK2006

Тогаш Исус ги собра сите племиња Израелови во Сихем и ги свика старешините на Израел и кнезовите негови, судиите негови и управителите негови, и тие се претставија пред Бога. И му рече Исус на целиот народ: „Вака вели Господ, Бог на Израел: ва­шите татковци, Тара, таткото Авраа­мов и таткото Нахоров, во старо време живееја од онаа страна на Реката и им служеа на други богови. Но јас го зедов таткото ваш Авраам од онаа страна на Реката, го водев до земјата хананска, му го умножив семето негово и му го дадов Исак. На Исак му ги дадов Јаков и Исав. На Исав му ја дадов во наследство гората Сеир; а Јаков и синовите негови влегоа во Египет. Тогаш ги испратив Мојсеј и Арон и го совладаа Египет со она што го из­вршив таму, а потоа ве изведов. Ги изведов татковците ваши од Еги­пет, и вие дојдовте кај Црвеното Море. Тогаш Египќаните се спуштија по татковците ваши со коли и коњаници до Црвеното Море; но тие повикаа кон Господ, и Тој спушти густа магла меѓу нас и Егип­ќаните и го наведе на нив морето, кое и ги покри. Очите ваши видоа што на­прави Господ во египетската земја и вие останавте во пустината многу денови. И ве воведе во земјата на Амо­рејците, кои живееја од онаа страна на Јордан; тие станаа против вас, но Господ ги предаде во ваши раце, и вие ја добивте како наследство земјата нивна и ги истребивте од пред лицето ваше. Се крена Валак, синот на Ципор, моавскиот цар, и отиде со војска против Израел, и испрати да го повикаат Беоровиот син Валаам, за да ве фрли во проклетство; но Господ не сакаше да го послуша Валаам, – тој ве благослови, и јас ве избавив од рацете негови. Вие го преминавте Јордан и дојдовте во Ерихон. И почнаа да војуваат против вас жителите на Ерихон: Аморејците и Перизијците, Хананците и Хитијците, Гергесејците, Евејците и Јевусијците, но Господ ги предаде во вашите раце. И испрати пред вас стршели, кои ги изгонија од пред вас двајцата аморејски цареви; без твојот меч и без твојот лак. И ви даде земја, за која вие не сте се труделе, и градови што не сте ги граделе, и вие живеете во нив; и лозја и маслини, кои не сте ги саделе, а јадете плодови. И така, имајте страхопочит кон Господ и служете Му со чистота и искреност; и отфрлете ги боговите на кои им служеа предците ваши од онаа страна на Реката и во Египет, и служете Му на Господ. Ако, пак, не ви е мило да Му служите на Господ, одберете си сега, кому да му служите: на боговите ли, на кои им служеа предците ваши, кога беа од онаа страна на Реката, или на боговите на Аморејците, во чија земја живеете, а, пак, јас и домот мој ќе Му служиме на Господ.“ Одговори народот и рече: „Не, тоа никако! Нема да Го оставиме Господа и нема да им служиме на други богови! Зашто Господ е наш Бог; Тој нѐ изведе нас и таковците наши од египетската земја, од домот на ропството, и правеше пред очите наши големи чуда и нѐ чуваше по целиот пат, по кој одев­ме, и меѓу сите народи, низ кои минувавме. Господ ги изгони откај нас сите народи и Аморејците, што живееја во оваа земја. Затоа и ние ќе Му служиме на Господ, бидејќи Тој е наш Бог.“ Исус му рече на народот: „Не ќе може да Му служите на Господ, зашто Тој е свет Бог, Бог ревнител; Тој нема да го истрпи беззаконието ваше и гревовите ваши. Ако Го оставите Бога и им служите на туѓи богови, Тој ќе испрати на вас зло и ќе ве истреби, место да ви направи добро.“ И народот му одговори на Исус: „Не, ние ќе Му служиме на Господ.“ Исус му рече на народот: „Сведоци ли сте вие за себе дека Го избравте Господа да Му служите?“ Тие одго­ворија: „Сведоци сме.“ „А сега, отфрлете ги туѓите богови што се меѓу вас и свртете го срцето свое кон Господ, Израеловиот Бог.“ Народот му рече на Исус: „На Господа, нашиот Бог, ќе Му служиме и гласот Негов ќе го слушаме.“ И тој ден Исус направи со народот завет и му даде наредби и закони во Сихем пред скинијата на Господ, Бог Израелов.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност