Исус, синот Навинов, тајно испрати од Ситим две момчиња и им рече: „Одете и тајно разгледајте ја земјата и градот Ерихон!“ И тие отидоа и влегоа во куќата на една блудница, по име Раав, и останаа да ноќеваат таму. Тогаш му јавија на Ерихонскиот цар: „Ете, некои луѓе од синовите Израелови дојдоа тука ноќеска, за да ја разгледаат земјата скришно.“ Ерихонскиот цар испрати луѓе да ѝ кажат на Раав: „Изведи ги луѓето, што влегоа во твојот дом, бидејќи дошле скришно да ја разгледаат целата земја.“ Но жената ги зеде оние две момчиња, ги сокри и рече: „Дојдоа, навистина, кај мене луѓе, но јас не знам од каде беа тие; кога, пак, на стемнување требаше да се затворат портите, тие излегоа; не знам каде отидоа; тргнете веднаш по нив, ќе ги стигнете.“ А самата ги одведе на покривот и ги сокри во нечешлан лен, што беше спрострен кај неа на таванот. Испратените тргнаа потоа по патот кон Јордан сѐ до самиот премин на реката, а портите се затворија веднаш кога тргна потерата. Пред да легнат да спијат, Раав се качи кај нив на покривот и им рече: „Знам дека Господ ви ја дал вам оваа земја, бидејќи ужас нѐ опфати од вас, и сите жители на оваа земја се исплашија од вас; зашто чувме дека Господ ја исуши пред вас водата во Црвеното Море кога сте доаѓале од Египет, и како сте постапиле со двајца аморејски цареви од онаа страна на Јордан, Сихон и Ог, кои сте ги погубиле. Кога го чувме тоа, срцето ни се стегна и во ниеден од нас душа не остана поради вас; зашто Господ, вашиот Бог, е Бог на небото и на земјата долу; И така, заколнете ми се во Господ дека, како што јас ви покажав милост, така и вие ќе бидете милостиви кон домот на мојот татко, и дајте ми верен знак: оставете ги живи во домот на татко ми и мајка ми, браќата мои и сестрите мои, и сите што се во него, и спасете ги душите наши од смрт.“ А луѓето ѝ рекоа: „Нашата душа да биде предадена на смрт наместо вашата, само да не нѐ предадеш. А кога Господ ни ја предаде оваа земја, ќе постапиме со тебе со милост и добрина.“