И се фрли ждрепка за племето на Венијаминовите синови, според родовите нивни. Според ждрепката границата им минува меѓу синовите Јудини и меѓу синовите Јосифови; границата нивна на север почнува од Јордан, минува зад Ерихон од север, се искачува по планината кон запад и завршува во пустината кај Бет-Авен; оттаму границата оди кон Луз, на југ од Луз, инаку Ветил, и потоа слегува кон Атрот-Адар, кон гората, што е на југ од Долни Веторон; потоа границата свртува и се спушта кон запад, јужно од гората, што е спроти Веторон и завршува кај Кирјат-Ваал, инаку Кирјат-Јарим, град на Јудините синови. Тоа е западната страна. Јужната, пак, граница оди од Кирјат-Јарим кон морето и стигнува до водните извори на Нефтоах; потоа границата слегува кон крајот на гората што е пред долината Бен-Хином, северно од Рефаимската Долина, оди по долината Бен-Хином до јужната страна на Јевус, стигнувајќи кај Ен-Рогел; потоа свртува кон север, минува кај Ен-Шемеш, оди кон Гелилот, кој е спроти ридот Адумин, и слегува кон Каменот на Рувимовиот син Бохан; потоа, минува северно од рамнината, и слегува кон неа; оттука таа поминува од северната страна на Бет-Хогла и завршува при северниот крај на Мртвото Море, кај устието на Јордан. Тоа е јужната граница. Од исток, пак, за граница служи Јордан. Тоа е наследството на Венијаминовите синови, со околните граници негови, според родовите нивни. На племето на Венијаминовите синови, според родовите нивни, им припаднаа овие градови: Ерихон, Бет-Хогла и Емек-Кециц, Бет-Арава, Цемараим и Ветил, Авим, Пара и Офра, Кефар-Амона, Офни и Гева: дванаесет градови со селата нивни; Гаваон, Рама и Беерот, Мицпа, Кефира и Моца, Рекем, Јирпеел и Тарала, Цела, Елеф и Јевус, инаку Ерусалим, и Гиват и Кирјат: четиринаесет градови со селата нивни. Тоа е делот на Венијаминовите синови, според родовите нивни.