Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јона 1:1-16

Јона 1:1-16 MK2006

И дојде слово Господово до Јона, синот на Амитај: „Стани и оди во Ниневија, градот голем, и проповедај во него, зашто не­говите лоши дела стигнаа до Мене.“ А Јона стана за да избега во Тарсис од лицето Господово; слезе во Јафа, каде што најде брод што плови за Тар­сис, па откако ја плати возарината, вле­зе во него за да избега во Тарсис од лицето Господово. Но Господ испрати силен ветар над морето, и настана голема бура, така што бродот за малку ќе се разбиеше. Морнарите се уплашија и повикаа секој кон својот бог, па почнаа товарот од бродот да го фрлаат во морето, за да му се олесни; а Јона беше слегол во дното на бродот, легнал и длабоко заспал. Тогаш дојде кај него капетанот на бродот и му рече: „Што, ти спиеш!? Стани и повикај кај твојот Бог! Можеби Тој Бог ќе се сети на нас, и ние нема да загинеме.“ Па си рекоа еден на друг: „Да фрли­ме ждрепка и да видиме поради кого нѐ снајде ова зло.“ Фрлија ждрепка и ждрепката падна на Јона. Тогаш му рекоа: „Кажи ни заради што нѐ снајде оваа неволја? Со што се занимаваш, и од каде си? Каде е твојата земја и од кој народ си?“ Тој им рече: „Јас сум Евреин, Го почитувам Господ Бог на небесата, Оној што ја создаде земјата и водата.“ Тогаш луѓето се уплашија многу и му рекоа: „Зошто го направи ова?“ За­што тие дознаа дека тој бега од лицето Господово, – како што тој сам им беше кажал. И му рекоа: „Што да направиме со тебе, та морето да стивне?“ Бидејќи морето сѐ повеќе се брануваше. Тогаш тој им рече: „Земете ме и фрлете ме в море, и морето за вас ќе стивне, зашто знам дека поради мене се крена оваа бура.“ Луѓето потоа се трудеа некако да се приближат до копното, но не можеа, бидејќи морето сѐ повеќе беснееше против нив. Тогаш повикаа кон Господ и рекоа: „Те молиме Господи, да не загинеме поради душата на овој човек, и да не бидеме одговорни за невина крв, зашто Ти, Господи, си направил како што Ти е Тебе угодно.“ Па го зедоа Јона и го фрлија во морето; и морето престана да се бранува. Тогаш луѓето се уплашија многу од Господ, Му принесоа на Господ жртви и се заветуваа.