Но Јудејците не поверуваа за него дека бил слеп и прогледал додека не ги повикаа родителите на оној што прогледа, и ги прашаа: „Дали е овој вашиот син, за кого велите дека се родил слеп?“ Родителите негови одговорија и им рекоа: „Знаеме дека е овој наш син и дека се роди слеп; но како сега гледа, не знаеме; или, кој му ги отвори очите, не знаеме. Тој е голем; прашајте го него, нека ви каже сам за себе!“ Ова го рекоа неговите родители, бидејќи се плашеа од Јудејците; зашто Јудејците се беа согласиле да биде исклучен од синагогата секој што ќе Го признае за Христос. Затоа и родителите негови рекоа: „Тој е возрасен, него прашајте го!“ Тогаш повторно го повикаа човекот што беше порано слеп и му рекоа: „Прослави Го Бога! Ние знаеме дека Оној Човек е грешен!“ А тој одговори и рече: „Дали е грешен, не знам; но знам дека бев слеп, а сега гледам.“ Пак му рекоа: „Што ти направи? Како ти ги отвори очите?“ Тој им одговори: „Јас веќе ви реков и не чувте; зошто сакате пак да чуете? Да не сакате можеби и вие да Му станете ученици?“ А тие го укорија и му рекоа: „Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици! Ние знаеме дека со Мојсеј говорел Бог; а Овој не знаеме од каде е.“ Одговори човекот и им рече: „Тоа е и за чудење, што вие не знаете од каде е, а мене, сепак, ми ги отвори очите! Знаеме дека Бог не слуша грешници: но оној што Го почитува Бога и ја исполнува Неговата волја, него го слуша. Откако е веков, не се чуло некој да отворил очи на слепороден. И ако Тој не беше од Бога, не ќе можеше да направи ништо.“ Одговорија и му рекоа: „Сиот си во гревови роден, па зар ти нас ќе нѐ учиш?“ И го избркаа надвор.
Исус чу дека го истерале, па го најде и му рече: „Веруваш ли ти во Синот Божји?“ Тој одговори и рече: „А кој е, Господи, па да поверувам во Него?“ Исус му рече: „Си Го видел, токму Оној е кој зборува со тебе!“ А тој рече: „Верувам, Господи!“ И Му се поклони. И рече Исус: „За суд дојдов Јас во овој свет, за да прогледаат слепите, а оние што гледаат, да станат слепи.“ Го чуја тоа некои од фарисеите што беа со Него, и Му рекоа: „Зар и ние сме слепи?“ Исус им рече: „Да бевте слепи, грев немаше да имате; а сега велите дека гледате, затоа и гревот ви останува.“