И затоа Јудејците Го гонеа Исус и сакаа да го убијат, зашто тоа го вршеше во сабота. А Исус им одговараше: „Мојот Отец досега работи, и Јас работам.“ Затоа Јудејците уште повеќе сакаа да Го убијат, бидејќи не само што ја нарушуваше саботата, туку и Бога Го нарекуваше Свој Отец, правејќи се еднаков со Бога.
А Исус им одговори на тоа и рече: „Вистина, вистина ви велам: Синот не може да прави ништо Сам од Себе, ако не види што прави Отецот; она што го прави Тој, тоа истото го прави и Синот. Зашто, Отецот Го сака Својот Син и Му покажува сѐ што Самиот прави; и ќе Му покаже дела поголеми од овие, за да се чудите вие. Зашто, како што Отецот воскреснува мртви и ги оживува, така и Синот ги оживува оние кои сака. Отецот не суди никого, туку целиот суд Му го предаде на Синот; та сите да Го почитуваат Синот, како што Го почитуваат Отецот. Кој не Го почитува Синот, тој не Го почитува ни Отецот, Кој Го пратил. Вистина, вистина ви велам: кој го слуша словото Мое и верува во Оној Кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, туку преминал од смрт во живот. Вистина, вистина ви зборувам: иде часот и веќе е дојден, кога мртвите ќе го чујат гласот на Синот Божји, и тие што ќе го чујат, ќе оживеат. Зашто, како што Отецот има живот во Себе, така Му даде и на Синот да има живот во Себе; и Му даде власт да суди, зашто Тој е Синот Човечки. Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите, кои се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат: кои правеле добро – ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување.
Јас ништо не можам да правам Сам од Себе. Како што слушам, така и судам, и Мојот суд е праведен, зашто не ја барам Мојата волја, туку волјата на Отецот Кој Ме прати.