Дојде една жена од Самарија, за да полни вода. Исус ѝ рече: „Дај Ми да пијам!“ А учениците Негови беа отишле во градот да купат храна. Жената Самарјанка Му рече: „Како Ти, Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш?“ Зашто Јудејците со Самарјаните не се мешаат. Исус ѝ одговори и рече: „Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Овој што ти вели: ‚Дај Ми да пијам‘ – ти самата би побарала од Него и Тој би ти дал жива вода.“ Жената Му рече: „Господи, Ти нема со што да нацрпеш, а кладенецот е длабок; од каде, пак, имаш жива вода? Зар си Ти поголем од нашиот татко Јаков, кој ни го даде овој кладенец!? И самиот тој пиеше од него, и синовите негови, и добитокот негов!“ Исус ѝ одговори и рече: „Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни; а кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода што ќе тече во живот вечен.“ Жената Му рече: „Господи, дај ми таква вода за да не ожеднувам, ниту да идам овде за полнење!“ Исус ѝ рече: „Оди, повикај го твојот маж и дојди тука!“ Жената одговори и Му рече: „Немам маж.“ Исус ѝ рече: „Право кажа дека немаш маж; зашто петмина мажи си имала и овој, што го имаш сега, не ти е маж; право рече.“ Жената Му одговори: „Господи, гледам дека си Ти пророк! Нашите татковци се поклонуваа на оваа планина, а вие велите дека во Ерусалим е местото каде што треба да се поклонуваме.“ Исус ѝ рече: „Жено, верувај Ми дека доаѓа време кога ни на оваа планина, ниту во Ерусалим не ќе се поклонувате на Отецот. Вие му се поклонувате на она што не го знаете, а ние се поклонуваме на она што го знаеме; зашто спасението е од Јудејците. Но иде време и веќе дошло кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние кои Му се поклонуваат. Бог е Дух и оние што Му се поклонуваат, треба да се поклонуваат со дух и со вистина.“