Кога разбра Исус дека фарисеите чуле дека Тој придобива повеќе ученици отколку Јован и крштаваше, макар што Самиот Исус не крштаваше, туку учениците Негови, ја напушти Јудеја и отиде пак во Галилеја. Требаше да мине преку Самарија. Така, дојде во самарјанскиот град, наречен Сихар, близу до земјиштето, што му го даде Јаков на својот син Јосиф. Таму беше изворот на Јаков. И Исус, изморен од патот, седна покрај изворот; а беше околу шестиот час. Дојде една жена од Самарија, за да полни вода. Исус ѝ рече: „Дај Ми да пијам!“ А учениците Негови беа отишле во градот да купат храна. Жената Самарјанка Му рече: „Како Ти, Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш?“ Зашто Јудејците со Самарјаните не се мешаат. Исус ѝ одговори и рече: „Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Овој што ти вели: ‚Дај Ми да пијам‘ – ти самата би побарала од Него и Тој би ти дал жива вода.“ Жената Му рече: „Господи, Ти нема со што да нацрпеш, а кладенецот е длабок; од каде, пак, имаш жива вода? Зар си Ти поголем од нашиот татко Јаков, кој ни го даде овој кладенец!? И самиот тој пиеше од него, и синовите негови, и добитокот негов!“ Исус ѝ одговори и рече: „Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни; а кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода што ќе тече во живот вечен.“ Жената Му рече: „Господи, дај ми таква вода за да не ожеднувам, ниту да идам овде за полнење!“ Исус ѝ рече: „Оди, повикај го твојот маж и дојди тука!“ Жената одговори и Му рече: „Немам маж.“ Исус ѝ рече: „Право кажа дека немаш маж; зашто петмина мажи си имала и овој, што го имаш сега, не ти е маж; право рече.“ Жената Му одговори: „Господи, гледам дека си Ти пророк! Нашите татковци се поклонуваа на оваа планина, а вие велите дека во Ерусалим е местото каде што треба да се поклонуваме.“ Исус ѝ рече: „Жено, верувај Ми дека доаѓа време кога ни на оваа планина, ниту во Ерусалим не ќе се поклонувате на Отецот. Вие му се поклонувате на она што не го знаете, а ние се поклонуваме на она што го знаеме; зашто спасението е од Јудејците. Но иде време и веќе дошло кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние кои Му се поклонуваат. Бог е Дух и оние што Му се поклонуваат, треба да се поклонуваат со дух и со вистина.“ Жената Му рече: „Знам дека ќе дојде Месија, наречен Христос; кога ќе дојде Тој, сѐ ќе ни каже.“ А Исус ѝ рече: „Јас сум, Кој зборува со тебе.“