Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 16:16-33

Јован 16:16-33 MK2006

„Уште малку, и нема да Ме гледате, и по малку, пак ќе Ме видите, зашто си одам кај Отецот.“ А некои од учениците Негови си рекоа меѓу себе: „Што е тоа, што ни ве­ли: ‚Уште малку, и нема да Ме видите‘ и ‚По малку, пак ќе Ме видите‘ и ‚Јас си одам кај Отецот?‘“ И си зборуваа: „Што е тоа, што ве­ли: ‚Уште малку?‘“ Исус разбра дека сакаат да Го пра­шаат, и им рече: „Затоа ли се пра­шу­ва­те меѓу себе, што реков: ‚Уште малку, и нема да Ме гледате‘ и ‚По малку, пак ќе Ме видите?‘ Вистина, вистина ви велам дека вие ќе заплачете и ќе заридате, а светот ќе се радува; вие ќе бидете нажалени, но жалоста ваша ќе се претвори во радост. Жена, кога раѓа, има болки, зашто ѝ дошло времето нејзино; но штом ќе го роди детето, од радост не ги помни веќе болките, зашто се родил човек на светот. Па така и вие, сега сте нажалени; но Јас пак ќе ве видам, и ќе се зарадува срцето ваше, и радоста ваша никој нема да ви ја одземе; и во тој ден нема да Ме прашувате за ништо. Вистина, вистина ви велам: што и да посакате од Отецот, во Мое име, ќе ви даде. Досега ништо не сте барале во Мое име; барајте и ќе добиете, за да биде ра­доста ваша полна.“ „Ова во параболи ви го кажав; но ќе дојде час кога нема веќе во параболи да ви зборувам, туку откриено ќе ве известам за Отецот. Во тој ден ќе побарате во Мое име, и не ви велам дека Отецот ќе го помолам за вас; бидејќи Отецот Сам ве сака, зашто вие Ме засакавте и поверувавте дека Јас сум излегол од Бога. Излегов од Отецот и дојдов во светот; сега пак го оставам светот и се вра­ќам кај Отецот.“ Му рекоа учениците Негови: „Еве, сега откриено зборуваш и никаква па­рабола не кажуваш. Сега знаеме дека знаеш сѐ и нема потреба никој да Те прашува. Заради тоа веруваме дека од Бога си излегол.“ Исус им одговори: „Сега ли верува­те? Ете, иде часот, и веќе настапува, да се разбегате секој кај своите, а Мене Сам да Ме оставите; но Јас не сум Сам, бидејќи Отецот е со Мене. Ова ви го реков за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате маки; но не плашете се, зашто Јас го победив светот.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност