Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Еремија 31:27-40

Еремија 31:27-40 MK2006

Ете, идат дни, вели Господ, кога ќе посеам во домот Израелов и во домот на Јуда семе човечко и семе од добиток. И како што бдеев над нив, кога ги искоренував и ги уништував, кога ги разрушував, погубував и повредував, така ќе бдеам над нив, кога ќе ги издигнувам и насадувам, вели Господ. И тогаш, нема да велат веќе: „Тат­ковците јадеа кисело грозје, а забите на децата нивни им фаќаат скомина.“ Но, секој умира поради своето сопствено беззаконие; кој ќе јаде кисело грозје, нему забите ќе му фаќаат ско­мина. Еве настапуваат дни, вели Господ, и ќе склучам со домот Израелов и со до­мот на Јуда нов завет. Не онаков завет, каков што склучив со предците нивни во денот, кога ги фатив за раце, за да ги изведам од еги­петската земја; тој Мој завет тие го нарушија, иако останав во сојуз со нив, вели Господ. Но еве го заветот, што ќе го склу­чам со домот Израелов по оние дни, вели Господ: ќе го вложам Мојот закон внатре во нив, и ќе го напишам во срцата нивни, па Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ. И нема повеќе да учат еден друг, брат брата и да зборуваат: „Познајте Го Господа“, зашто сите тие, од мал до голем, сами ќе Ме знаат, вели Господ, бидејќи ќе им ги простам беззаконијата нивни, и за гревовите нивни нема веќе да се сеќавам. Така вели Господ, Кој го даде сонцето да свети дење, и им даде наредба на месечината и на ѕвездите да светат ноќе, кој Го бранува морето, кога брановите негови бучат; Господ Саваот е името Негово. Ако тие наредби престанат да ги применуваат пред Мене, вели Господ, тогаш и племето Израелово ќе пре­стане да биде народ пред Мене засекогаш. Така вели Господ: ако може да се измери небото угоре и основите на земјата да се испитаат удолу, тогаш и Јас ќе го отфрлам сето племе израелско, за сѐ она што го правеа, вели Господ. Еве, доаѓаат дни, вели Господ, кога градот ќе биде обновен за слава на Гос­под, од кулата на Хананел до Аголната Порта, и мерката на земјата од ридот ќе отиде уште погоре, токму до ридот Га­рев и ќе свие кон Гоа. И целата долина на труповите и на пепелта, и целото поле до потокот Кед­рон, до аголот на Коњската Порта спрема исток, ќе биде светиња Госпо­дова; нема да се искоренува и нема да се разрушува довека.