Еве ги зборовите од писмото, кое пророкот Еремија го испрати од Ерусалим до другите старешини меѓу преселените, до свештениците, до пророците и до сиот народ, кој Навуходоносор беше го одвел од Ерусалим во Вавилон, откако беа излегле од Ерусалим царот Јехонија, царицата, дворјаните, кнезовите на Јудеја и на Ерусалим, дрводелците и ковачите, преку Елеаса, синот Сафанов, и преку Гемарија, синот на Хелкија, кои јудејскиот цар Седекија ги испрати во Вавилон до вавилонскиот цар Навуходоносор, – вака вели Господ Саваот, Бог Израелов, до сите заробени, кои Јас ги преселив од Ерусалим во Вавилон – правете куќи и живејте во нив, садете градини и јадете ги плодовите нивни; женете се и раѓајте синови и ќерки; и на синовите земајте им жени и ќерки и мажете ги, за да раѓаат синови и ќерки, па размножувајте се таму, а не да се намалувате. Грижете се за доброто на градот, во кој ве преселив, и молете Му се на Бога за него; зашто ако му е нему добро, и вие ќе имате мир. Зашто, така вели Господ Саваот, Бог Израелов: нека не ве мамат вашите пророци, кои се меѓу вас и вашите бајачи; и не верувајте им на соништата што ги сонувате. Лажно ви пророкуваат во Мое име; Јас не сум ги пратил, вели Господ. Бидејќи така вели Господ – кога во Вавилон ќе исполните седумдесет години, тогаш ќе ве посетам и ќе го исполнам Мојот добар збор за вас, за да ве вратам на ова место. Зашто само Јас ги знам замислите, што сум ги смислил за вас, вели Господ, замислите за добро, а не за зло, за да ви дадам иднина и надеж. Па ќе повикате по Мене, ќе дојдете и ќе Ме замолите, и Јас ќе ве чујам; ќе Ме побарате, и ќе Ме најдете, ако Ме побарате од сѐ срце. Ќе Ме најдете, вели Господ, и ќе ве вратам од ропство и ќе ве соберам откај сите народи и од сите места, каде што ве изгонив, вели Господ, и ќе ве вратам онаму, од каде што ве преселив. Вие велите: „Господ ни издигна пророци и во Вавилон.“ Така вели Господ за царот, кој седи на Давидовиот престол, и за сиот народ, што живее во тој град; за браќата ваши, што не се одведени со вас во ропство. Вака вели Господ Саваот за нив – еве, ќе испратам врз нив, меч, глад и помор и ќе ги направам како лошите смокви, што не можат да се јадат поради неугодниот вкус; и ќе ги гонам со меч, глад и помор и ќе ги предадам на зло кај сите земни царства, за проклетство и ужас, за потсмев и навреда меѓу сите народи, каде што ќе ги расејам, поради тоа што не ги слушаа зборовите Мои, вели Господ, што ги праќав до нив преку слугите Мои, пророците, ги праќав од рано утро, но не послушавте, вели Господ. А вие, сите изгнаници, што ве пратив од Ерусалим во Вавилон, чујте го словото Господово: вака вели Господ Саваот, Бог Израелов, за Ахав, синот на Колаја, и за Седекија, синот на Маасеја, кои ви пророкуваат лага во Мое име: еве, Јас ќе ги предадам во рацете на вавилонскиот цар Навуходоносор, и тој ќе ги убие пред очите ваши. И сите прогонети Јудејци, кои се во Вавилон, ќе се научат од нив да колнат: „Да ти направи Господ, како што им направи на Седекија и на Ахав, кои вавилонскиот цар ги изгоре со оган,“ поради тоа што вршеа гнасни работи во Израел: прељубодејствуваа со жените на ближните свои и во Мое име кажуваа лага, што не сум им заповедал; Јас го знам тоа и Сам сум сведок, вели Господ.