Слово што дојде до Еремија за сиот јудејски народ, во четвртата година на јудејскиот цар Јоаким, синот Јошиев. Тоа беше првата година на вавилонскиот цар Навуходоносор, кое пророкот Еремија го изрече пред сиот јудејски народ и пред сите ерусалимски жители, велејќи: од тринаесеттата година на јудејскиот цар Јошија, синот Амонов, па до денес, ете веќе дваесет и три години, доаѓа до мене слово Господово, и јас од рано утро ви зборував, но вие не послушавте. Господ ги праќаше кај вас сите Свои слуги – пророците, од рано утро ги испраќаше, и вие не послушавте и не го наклонивте увото свое за да слушате. Тие ви велеа: „Отклонете се секој од својот лош пат и од своите лоши дела и живејте во земјата, која Господ ви ја даде вам и на вашите татковци од векот довека; и не одете по други богови, за да им служите и да им се поклонувате, и не разгневувајте Ме со делата на рацете свои, па нема да ви направам зло.“ Но вие не Ме послушавте, вели Господ, и Ме разгневувавте со делата на рацете свои, за свое зло. Затоа, така вели Господ Саваот: поради тоа што не ги послушавте зборовите Мои, еве, Јас ќе пратам и ќе ги земам сите северни племиња, вели Господ, и ќе испратам до вавилонскиот цар Навуходоносор, Мојот слуга, и ќе ги доведам против оваа земја и против жителите нејзини и против сите соседни народи; и наполно ќе ги истребам и ќе ги направам за ужас, за потсмев и за вечна пустош. И ќе ги прекратам во нив гласот на радоста и гласот на веселбата, гласот на младоженецот и гласот на невестата, звукот од воденичниот камен и светлината од светилото. И целата таа земја ќе стане пустина и ужас; и тие народи ќе му служат на вавилонскиот цар седумдесет години. А кога ќе се исполнат седумдесетте години, ќе го казнам вавилонскиот цар и оној народ, вели Господ, за нивното беззаконие, и земјата Халдејска ќе ја направам вечна пустина. И ќе ги исполнам над таа земја сите Мои зборови, што ги реков против неа, сѐ што е напишано во оваа книга, што Еремија пророчки го кажа против тие народи. Зашто и нив ќе ги поробат многубројните народи и големи цареви. И Јас ќе им платам според нивните постапки и според делата на рацете нивни.