Тешко им на пастирите, што ги погубуваат и растураат овците на Моето стадо, вели Господ. Затоа вака вели Господ, Бог Израелов, кон пастирите, кои го пасат народот Мој: вие ги растуривте овците Мои, ги упропастивте и не се грижите за нив; еве, Јас ќе ве казнам за вашите злосторства, вели Господ. И ќе го соберам остатокот од Моето стадо, од сите земји каде што ги бев изгонил, и ќе ги вратам во трлата нивни, па ќе се плодат и ќе се размножуваат. И ќе поставам над нив пастири, што ќе ги пасат, и тие нема веќе да се плашат, ниту ќе треперат и нема да се губат, вели Господ. Еве, доаѓа времето, вели Господ, и ќе му издигнам на Давид фиданка, и ќе се зацари Цар, Кој ќе постапува мудро и ќе суди праведно на земјата. Во дните Негови Јуда ќе се спаси, и Израел ќе живее безопасно; и еве, – Неговото име со кое ќе Го именуваат е „Господ – Нашата правда!“ Затоа, еве, идат дните, вели Господ, кога веќе нема да се зборува: „Жив Господ, Кој ги изведе синовите Израелови од земјата египетска“, туку „Да е жив Господ, Кој го изведе и Кој го доведе племето на домот Израелов од северната земја и од сите земји, каде што ги беше изгонил“, и тие ќе живеат во земјата своја. Поради пророците срцето ми се кине во мене, сите коски ми се тресат, јас сум како пијан, како човек што го фатило виното, заради Господа и заради Неговите свети зборови, зашто земјата се наполни со прељубници, и земјата плаче поради проклетството; се исушиле пасиштата по пустините, зашто стремежот им е зло, а силата нивна – неправда; бидејќи и пророкот и свештеникот се безбожни: дури и во домот Мој го забележав бесчестието нивно, вели Господ.
Затоа патот нивни ќе биде лизгаво место во темнината – ќе ги туркаат и тие ќе паѓаат таму; зашто Јас ќе испратам врз нив беда во годината, кога ќе ги казнам, вели Господ. А кај пророците во Самарија видов безумие, тие пророкуваат во името на Ваал и го воведуваат во заблуда народот Мој, Израел. А кај пророците во Ерусалим гледам нешто уште пострашно: тие прељубодејствуваат и одат во лага, ги поткрепуваат рацете на злодејците, та никој од нив да не се откаже од бесчестието свое; сите тие се пред Мене како Содом, а жителите негови – како Гомора. Затоа вака вели Господ Саваот за пророците: еве, ќе ги нахранам со пелин и ќе ги напојам со затруена вода, поради тоа што од ерусалимските пророци се разнесе безбожие по целата земја.
Така вели Господ Саваот: немојте да ги слушате зборовите на пророците, кои ви пророкуваат – тие ве лажат, кажуваат измислени работи од срцето свое, а не она што доаѓа од устата Господова. Постојано им зборуваат на оние, кои не Ме почитуваат: „Господ рече, мир ќе имате.“ И на секого кој се управува според тврдокорноста на срцето свое, велат: „Зло нема да ве снајде.“ Зашто, кој е тој што присуствувал на советот на Господ, па видел и го чул словото Негово? Кој го разбрал Неговото слово и кој го чул тоа? Еве, иде бурата Господова со јарост, бура страшна, и ќе се свие врз главата на безбожниците. Гневот Господов нема да се одврати сѐ додека Тој не ги изврши и додека не ги исполни замислите на Своето срце; во последните дни тоа наполно ќе го разберете. Јас не ги праќам тие пророци, а самите се беа растрчале; Јас не им зборував, а тие пророкуваа. Да беа стоеле во советот Мој, тие ќе му ги објавеа зборовите Мои на Мојот народ и ќе го отклонеа од неговиот лош пат и од неговите лоши дела. Зар Јас сум Бог само одблизу, вели Господ, а не Бог и оддалеку? Може ли човек да се сокрие на место тајно, каде што Јас не би го видел? – вели Господ. Зар не ги исполнувам Јас небото и земјата – вели Господ.