Сите ние многу грешиме. Но оној, кој во зборови не греши, тој е совршен човек, силен да го заузда и целото тело. Ете, ако и ние на коњите им ставиме узда на устите, за да ни се покоруваат, тогаш управуваме со целото нивно тело. Па, ете, и корабите: иако се толку многу големи и силно гонети од бурни ветрови, со мало кормило се управуваат онаму каде што кормиларот сака; а така и јазикот е мал орган, но големи работи зборува. Ете, мал оган, а колку голема гора запалува; и јазикот е оган, свет полн со неправда; јазикот се наоѓа во таква положба меѓу нашите органи, што го осквернува целото тело и го пали времето на нашиот живот, воспалувајќи се сам од пеколот. Секаков вид ѕверови и птици, лазачи и риби, се скротува и се припитомува од човечкиот род, а јазикот никој не може да го скроти: тој е немирно зло и полн со смртоносен отров. Со него Го благословуваме Бога и Отецот, со него ги колнеме луѓето создадени според подобието Божјо. Од истата уста излегува и благослов и клетва. Не треба, браќа мои, тоа така да биде. А тече ли од еден ист извор слатка и горчлива вода? Може ли, браќа мои, смоквата да раѓа маслинки, или лозата смокви? Така, од еден ист извор не може да тече солена и слатка вода.
Кој е меѓу вас мудар и умен, нека ги покаже преку своето добро однесување делата свои во кротост и мудрост.